Научниците откриле дека бактериите го гледаат светот со иста ефикасност како и луѓето, бидејќи бактериските клетки делуваат како микроскопско очно јаболко.
До ова откритие, британските и германските научници дошле случајно, кога ги проучувале водените цијанобактерии, кои ја создаваат зелената обвивка на карпите и камењата. На научниците веќе им е познато дека бактериите можат да го воочат изворот на светлина и да се движат кон него – феномен што се нарекува фототаксис, но, сѐ досега им беше нејасно како го прават тоа.
Проучувајќи ја „Synechocystis“- вид на цијанобактерија што се наоѓа во слатките води, откриле дека клеточното тело на бактеријата делува како леќа. Кога светлината ќе допре до сферичната површина на клетката, таа се прекршува во точка на другата страна од клетката. Ова поттикнува клетката да се движи кон изворот на светлината.
Зачудува тоа што, иако научниците ги проучуваат бактерите со векови, досега не успеале да ја откријат оваа функционална сличност на телото на клетката со очното јаболко или леќата од фото апаратите. Покрај тоа, научниците го забележиле ова случајно и тоа на исклучително мал организам, со големина од само 3 микрометри (0.003 mm) во дијаметар.
Овие наоди сепак не значат дека бактериите го восприемаат светот со истата јачина како и луѓето, туку дека механизмот на леќа функционира на истиот начин. Според истражувачите „Synechocystis“-клетката е околу половина милијарда пати помала од човечкото око и многу малата резолуција би им овозможила само нејасна слика на објектите.
Физичките принципи преку кои бактериите ја регистрираат светлината се многу слични со многу посложениот вид кај другите живтни, но биолошките структури се различни, велат истражувачите. Но, овој механизам е од витална важност за бактериите. Без да можат да ја осетат светлината и да се движат кон неа, организмите не би биле способни за фотосинтеза, што е од клучна важност за нивниот опстанок од памтивек.
Наодите се објавени во „eLife“.