Сите знаеме дека недостатокот на пари претставува голем стрес, но едно ново истражување покажува дека финанските проблеми може да ја зголемат физичката болка – со други зборови, вашата лоша финансиска состојба буквално може да ве боли.
Идејата да се истражува оваа необична врска се јавила кога истражувачите забележале дека повеќе луѓе се жалат на физички болки во периодите на економска криза. Претпоставките биле дека овие два тренда се поврзани, бидејќи финанската несигурност може да предизвика човекот да чувствува дека губи контрола што може да ги активира психолошките процеси кои го регулираат стравот и анксиозноста.
Во основа, ние денес економската закана ја доживуваме на ист начин како што претходно сме ги доживувале предаторите. Овие процеси генерално се контролирани од истите механизми кои ја контролираат толернцијата за болка, со што би можело да се објасни оваа врска.
Со цел да ја тестираат оваа претпставка, тим на истражувачи од САД спровеле шест различни експерименти во текот на неколку години. Првите показатели дека се во право биле во 2008 година кога биле испитани податоците за потрошувачката од 33.720 лица. Наодите покажале дека лицата кои биле невработени потрошиле 20 проценти повеќе пари за лекови против болки од лицата кои биле финансиски безбедни.
Овие наоди биле поткрепени со уште едно истражување, овојпат спроведено онлајн, со кое биле опфатени 187 финансиски загрозени лица кои изјавиле дека чувствувале поголема физичка болка кога финансиската состојба им била полоша.
Веројатно најодлучувачко било истражувањето спроведено во лабораториски услови, каде биле вклучени студенти кои требало да ја стават раката во студена вода и при тоа да се замислат себеси во финансиски стабилна или нестабилна иднина. Се покажало дека студентите биле во состојба да ја задржат раката подолго кога замислувале стабила иднина, што е, според истражувачите, индикатор за тоа дека економската состојба може да ја зајакне или да ја намали толеранцијата на физичка болка.
„Севкупно резултатите од шесте истражувања потврдуваат дека финансиската несигурност предизвикува физичка болка и ја намалува толеранцијата на болка“- вели водачот на истражувањето Еилин Чоу од Универзитетот во Вирџинија.
Истражувањето е објавено во „Psychological Sciences“.