Четирите нови елементи во периодниот систем добија имиња

Во јануари годинава од страна на официјални претставници беше потврдено откривањето на четири нови елементи кои заслужуваат постојано место во периодниот систем на елементите и тоа како 113, 115, 117 и 118, со што беше комплетиран седмиот ред (енаука .мк)

Досега тие имаа привремени имиња, но сега тие се официјално именувани.

Заслугата за откривањето на овие имиња им припадна на истражувачи од САД, Русија и Јапонија, со што се здобија со правото и да ги именуваат, при што мора да бидат запазени одредени критериуми.

Според Меѓународниот сојуз за чиста и применета хемија, организација која е одговорна за потврдувањето на откривањето на секој нов елемент, секој нов елемент мора да биде именуван по:

  • Митолошки концепт или карактер (вклучувајќи и астрономски објект)
  • Минерал, или слична супстанција
  • Место или географски регион
  • Својствата на елементот
  • Некој научник

Во согласност со овие критериуми предложени се следните имиња:

  • нихониум со симбол „Nh“, за елементот Z = 113,
  • московиум со симбол „Mc“, за елементот  Z = 115,
  • тенесин со симбол „Ts“, за елементот  Z = 117, и
  • оганесон со симбол „Оg’“, за елементот  Z = 118.

Како што  пишува „Vox“, името нихониум е изведено од „Нипон”, јапонски збор за Јапонија, а московиум е именуван во чест на рускиот главен град, Москва.

Тенесин е именуван по американската сојузна држава Тенеси. Ова е втора американска држава по која е именуван елемент од периодниот систем, првата  беше Калифорнија, со елементот калифорниум (елементот 98), кој беше откриен во 1950 година. Хасиум (елементот 108) е именуван по германската сојузна покраина Хесен.

Оганесон е именуван по 83-годишниот руски физичар Јури Оганесјан и ова е втор пат некој елемент да биде именуван по научник кој е сѐ уште жив.

„Првиот ваков случај бил проследен со големи контроверзи, кога во 1993 година тим од Националната лабораторија Лоренс Беркли, предложил елементот 106 да го добие името сиборгиум, по американскиот пионер во нуклеарна хемија Глен Сиборг. Во тоа време предлогот бил одбиен од комитетот за одобрување, поради резолуцијата елементите да не се именуваат по живи научници, но потоа тоа било повлечено“, пишува списанието „Nature“.

Овие имиња се предложени од истражувачките тимови, а се прифатени од соодветната комисија и сега треба да бидат подложени на јавна ревизија во следните пет месеци, што истекува на 8 ноември 2016 година.

После тоа, ако нема забелешки, имињата ќе добијат и формално одобрување.

Поддржете ја нашата работа: