Дали лилјаците навистина се слепи?

Лилјаците ловат во темница одредувајќи ја локацијата според ехото, односно тие го користат ехото од звуците кои сами ги произведуваат, кои се одбиваат од предметите за да им помогне при движењето. Но, тоа не значи дека тие не може да гледаат.

Спротивно на митовите, лилјаците всушност не се слепи. Истражувањата покажуваат дека во зависност од околностите, лилјаците понекогаш преферираат да го користат видот наместо звукот при ловење. Исто така, лилјаците кои пијат нектар, наместо да ловат инсекти, воопшто не го користат ехото. Овие видови имаат особено остар вид, а некои дури можат да видат ултравиолетова светлина.

Постојат најмалку 1.300 видови на лилјаци според организацијата „Bat Conservation International“ и сите тие се различни – некои се хранат со цвеќиња, некои со инсекти, а три од нив (сите Латино-американски видови) се хранат со крв.

Па, кај различни видови се развиле различни визуелни способности. Во едно истражување од 2009-тата година, објавено во весникот „PLOS ONE“, истражувачите откриле дека лилјаците од видот „Glossophaga soricina“ и „Carollia perspicillata“, од Јужна и Централна Америка, имаат визуелни рецептори кои им овозможуваат да гледаат и на дневна светлина, како и некои бои. Всушност, некои од рецепторите им овозможиле на овие лилјаци да гледаат и ултравиолетова светлина, која е надвор од човековиот визуелен спректар.

Многу видови го користат и видот и ехото заедно, како што е на пример „Rousettus aegyptiacus“. Во едно истражување од 2015-та година, објавено во „Current Biology“, истражувачите откриле дека лилјаците го користат ехото повеќе кога ќе почне да се стемнува, но исто така ги испуштаат и своите звуци и на дневна светлина. Тие особено ги забрзуваат звуците откако ќе слетаат, односно после летање, сугерирајќи дека тие всушност ги комбинираат информациите од очите и од ехото за прецизно да го измерат растојанието, велат истражувачите.

Дури и оние лилјаци кои ловат инсекти го користат видот кога можат. Научниците откриле дека кафеавиот лилјак со долги уши „Plecotus auritus“ преферирал да лови кога можел да ги користи и визуелните и сонарните информации, додека пак еден од најчестите лилјаци во Северна Америка, малиот кафеав лилјак „Myotis lucifugus“ има визуелни рецептори кои му овозможуваат да се движи до излегувањето на месечината и да ги избегне предаторите во самракот.

Па следниот пат кога ќе сакате да наречете некого „слеп како лилјак“ размислете за визуелните способности на овие ноќни летачи.

Поддржете ја нашата работа: