Коефициентот на интелигенција се зголемува во многу делови од светот. Што стои зад таа промена и дали тоа значи дека луѓето сега се попаметни од нивните баби и дедовци, пишува Вилијам Кремер за “BBC“.
Не е невообичаено за родителите да велат дека нивните деца се попаметни отколку што всушност се. Едно истражување, објавено во „Intelligence“, покажува дека ова можеби е вистина.
Истражувачите од Кралскиот колеџ во Лондон анализирале податоци од 405 претходни истражувања. Вкупно, анализирале коефициент на интелигенција на повеќе од 200 илјади учесници во период од 64 години, на територија на 48 земји. Откриле значителен пораст на коефициентот од 1950 година.
Меѓутоа коефициентот на интелигенција не бил насекаде подеднаков, односно побрзо се зголемувал во земјите во развој, со најзначителен скок во Кина и Индија, постојано зголемување во САД, а намалување во Велика Британија.
Ова ново истражување е само потврда на трендот за кој научниците веќе подолго време се свесни. Во 1982 година, Џејмс Флин, филозоф и психолог на Универзитетот во Отаго, Нов Зеланд, разгледувал стари прирачници за тестирање на коефициентот на интелигенција. Забележал дека кога тестовите се ревидирале на секои 25 години, лицата ги полагале и старите и новите тестови, и секогаш резултатот им бил подобар на старите. Со други зборови, тестовите станувале потешки. Ова го добило иметот – ефектот на Флин, иако тој велел дека не е првиот којшто ја забележал оваа шема.
Но, ако тестовите станувале потешки, а просечниот резултат бил постојано 100, тоа значи дека луѓето мора да станувале подобри, односно поинтелигенти.
„Ако Американците денес го направат тестот од пред еден век, би имале исклучително висок коефициент на интелигенција од 130. А ако Американците од пред 100 години го направат денешниот тест би имале просечно ниво од 70“, вели Флин. Со други зборови, коефицинетот на интелигенција се зголемувал грубо за 3 поени по деценија.
Зголемување на коефициентот на интелигенција
Ова е се’ уште нерешена мистерија, не само за САД туку и за сите земји каде што е застапен ефектот на Флин. „Дали има некаква смисла да претпоставуваме дека некогаш 40% од мажите во Холандија немале капацитет за да го разберат фудбалот, нивниот омилен национален спорт?“, вели Флин.
Па, што се случува? Постојат многу теории, но ниедна не е особено докажана.
Едно можно објаснување е промената во образованието. Во поразвиениот свет, се повеќе луѓе се школуваат, а и наставните методи еволуираат, оддалечувајќи се од едноставното меморирање на имиња, дати и факти. Се чини како разумна претпоставка – образованието ги обучува луѓето да размислуваат подобро. Сепак, доказите се измешани, бидејќи не е докажана јасно корелација помеѓу зголемувањето на коефицинетот на интелигенција и училишните перформанси.
Како и да е, училиштето ги подготвува децата за да го полагаат тестот за интелигенција на друг начин. Со текот на времето, учениците се навикнуваат на притисокот на испитувањата и развиваат тактики за да ги подобрат своите перформанси. Доказ за тоа е едно истражување за коефициентот на интелигенција во Естонија. Психолозите Олев и Аса Маст ги анализирале податоците од тестот за интелигенција од 1930 и 2006 година и забележале значително зголемување на точните одговори, но исто така и на погрешните. Поновите истражувања покажуваат дека тоа е така бидејќи учениците знаеле дека нема да бидат казнети ако погодуваат и згрешат некој одговор.
Флин смета дека тоа може да претставувало фактор за зголемување на коефицинетот до првата половина на 20-ти век, меѓутоа оттогаш коефициентот мирува, односно мирно се зголемува по малку. Флин смета дека овој континуиран прогрес се должи на длабоките промени во општеството, како и на образованието во текот на минатиот век, кои ги навеле луѓето да размислуваат на поапстрактен научен начин – а токму ваквата интелигенција се мери со тестовите за интелигенција.
Тој го цитира рускиот невролог Александар Лурија кој го проучувал домородното население во Советскиот Сојуз. „Открил дека тие се многу прагматични и конкретни во своето размислување и дека не се способни за логички апстракции или хипотези“. Луриа му го поставил следниов проблем на поглаварот на едно племе во Сибир: „Таму каде што секогаш има снег, мечките се бели. Секогаш има снег на Северниот Пол, каква боја се мечките таму?“ Поглаварот одговорил дека никогаш не видел мечки со каква било друга боја освен кафена, но кога некој мудар човек би дошол од Северниот Пол и би му кажал дека таму мечките се бели, би му поверувал. Научните методи на хипотеза, класификација и логички заклучок за нив биле непознати.
„Сега речиси сите форми на образование значат дека треба сериозно да се сфаќаат хипотезите. Во тоа е поентата на науката. А логиката се користи за апстрактните категории“, вели Флин.
Овој вид на размислување не се среќава само во училиштата. Во 1900 година, само 3% од Американците имале работа која барала когнитивни способности. Сега тој број изнесува 35% и самата работа е интелектуално потешка отколку пред 100 години. Исто така, семејствата се помали, па децата се повеќе изложени на „возрасните разговори“ отколку порано. Родителите кои уште од рана возраст ги тераат децата да постигнуваат одредени цели исто така може да бидат значителен фактор. А кога станува збор за повозрасните, товарот на некоја болест може да влијае на нивните перформанси.
Ваквите ефекти може да имаат опаѓачки резултати откако земјите ќе станат целосно индустријализирани, што може да го објасни фактот зошто во некои северноевропски земји, вклучувајќи ги и Франција и Скандинавските земји, коефициентот на интелигенција не се менува, или пак се намалува, вели Флин. „Шемата во Европа е малку збунувачка, но во САД продолжува да расте. Сметам дека Америка е општество каде што економските и еколошките разлики се многу поразлични отколку во Скандинавските земји. На пр. Афро-американците живееле под ужасни услови и посетувале ужасни училишта“.
Истакнати се и некои други причини за ефектот на Флин. Некои се доста интригантни, како на пр. онаа која ја предложил Артут Јенсен, но допрва треба да се истражи, а тоа е ширењето на електричното осветлување. Поентата е дека светлината од светилките, ТВ екраните и слично, можеби придонеле за когнитивниот развој на сличен начин на кој вештачката светлина го стимулира растот на кокошките.
Потоа, тука е и теоријата дека денешниот свет е повизуелен од порано. Во тестот за интелигенција се вклучени задачи кои бараат од луѓето да одберат модели на низа ленти и чкртаници. Токму при оваа вежба е забележан најголем напредок, односно најголемо зголемување на интелигенцијата. Можеби телевизијата, видео игрите, рекламите и зголемувањето на бројот на симболите на работното место ни го олесниле идентификувањето на сликовните знаци и модели?
Иато така постои и дебата во врска со исхраната. Во 2008 година, во една статија во „Intelligence“, Ричард Лин истакнува дека менталниот развој на бебињата се зголемил во САД и Велика Британија, и соодветствувал со зголемениот коефициент на интелигенција кај малку постарите деца. Тешко е да се одреди како теориите на Флин го објаснуваат ова. „Дали бебињата денес размислуваат понаучно?“ прашува тој реторички.
Лин смета дека исхраната пред раѓањето на бебето е детерминанта на родилната тежина, која пак е во корелација со повисокиот коефициент на интелигенција. Недостатокот на една хранлива материја – јод, е познато дека негативно влијае на интелектуалниот развој на децата. Едно истражување за недостатокот на јод, направено во 2005 година во Кина, покажало дека децата кои имале повисок коефициент на интелигенција, немале недостаток на јод.
Значи, има многубројни теории за ефектот на Флин, но што точно значат? Дали овие резултати што постојано се подобруваат покажуваат дека тестот за интелигенција всушност не ја мери интелигенцијата? Или луѓето се навистина попаметни од нивните предци?
„Сметам дека тоа дали луѓето се попаметни нема никаква поврзаност со ова. Денес, имаме поширок спектар на когнитивни проблеми што можеме да ги решиме отколку што имале луѓето во 1900 година. Тоа е така само затоа што општеството го бара тоа од нас. Луѓето во 1900 година имале совршено соодветни умови за тоа време, за да ги памтат имињата на братучедите, да ги ораат фармите, да вратат кусур во продавница. Никој од нив не барал високо образование.
Па, ако луѓето не стануваат попаметни, тоа значи дека тестовите за интелигенција не си ја вршат добро својата работа.
Но, како тогаш коефицинетот на интелигенција е толку поголем, а нема многу исклучително паметни луѓе наоколу? Можеби има, но на некој начин се скриени поради начинот на кој науката стана професионална. Тие сигурно си работат во своето поле и прават неверојатно работи. Дејствуваат како гении, но не се идентификуваат како такви.
Тоа е чудна мисла. Постојат се повеќе и повеќе генијалци, и ако оваа теорија е точна, многу од нив се непризнаени.