Дали загадениот воздух влијае на бременоста?

Бремените жени често внимаваат што јадат и што пијат за време на бременоста, но што е со воздухот што го дишат? Според едно ново истражување, загадувањето на воздухот може да има негативно влијание на неродените деца.

Истражувачите анализирале примероци од крв на 462 мајки заедно со нивните деца кои живееле во Њујорк, во текот на 11 години од времето на забременување. Тие се сомневале дека пренаталната изложеност на полициклични ароматични јаглероводроди (PAH), што всушност претставуваат чести загадувачи на воздухот како резултат на моторните возила, чадот од цигари и емисиите од согорувањето на нафта и јаглен за загревање на домовите и добивање на енергија, го зголемува ризикот за АДХД, анксиозност, депресија и невнимание кај неродените деца.

Истражувачите го тестирале однесувањето на децата на 3, 4, 5, 7, 9 и 11- годишна возраст и заклучиле дека изложеноста на мајките на полициклични ароматични јаглероводроди може да доведе до абнормални модели на однесување. Колку повеќе жените биле изложени на јаглероводородите, толку полоши резултати имале децата на тестовите.

Истражувачите велат дека пренаталната изложеност на загадувачите на воздухот влијае на развојот на саморегулацијата и може да придонесе за развојот на многу психопатологии во детството кои потекнуваат од неможноста за саморегулација, како што се АДХД, опсесивно компулсивно нарушување, користење на штетни супстанци и нарушување на исхраната.

Пренаталното изложување на овие штетни супстанци може да ги оштети нервните патишта кои ги контролираат емоциите и вниманието во мозокот, што би предизвикало децата недолично да се однесуваат или да развијат ментални проблеми како што растат.

Сепак, се’ уште се потребни дополнителни истражувања за да се открие како овие загадувачи на воздухот влијаат на развојот на фетусот.

Истражувањето е објавено во „Journal of Child Psychology“.

Поддржете ја нашата работа: