Дебелината е заразна?

Повеќето од нас би рекле дека дебелината е последица на премногу јадење, премалку вежбање и несреќна комбинација на гени. Но, работите може и да не се толку едноставни.

Според едно ново истражување, микробите кои се наоѓаат во нашиот стомак може да влијаат на нашата тежина, а бидејќи овие организми може да се пренесуваат од еден човек на друг, можеби е возможно буквално да се заразиме со дебелина од некој друг.

За прв пат, научниците од Велика Британија покажаа дека една третина од спорите кои ги произведуваат бактериите во нашиот стомак може да преживеат на отворено. Ова значи дека спорите може да се шират низ воздухот и луѓето со кои имаме близок контакт може да влијаат на нашите бактерии во стомакот.

Ова не значи дека ако некој дебел човек кивне, автоматски ќе се заразиме и ние ќе станеме дебели, но и многу претходни истражувања покажале поврзаност помеѓу бактериите во стомакот и телесната тежина. Ако овие бактерии може да опстојат и надвор, како што покажува новото истражување, тогаш тоа значи дека на нашиот внатрешен екосистем може да влијаат нашите најблиски пријатели и роднини.

Да разјасниме, ова истражување не вели дека спорите од бактериите дефинитивно се пренесуваат од едно на друго лице, туку дека имаат потенцијал за тоа, поради што дефинитивно треба дополнително да се истражува.

Луѓето кои живеат во иста куќа делат сличен микробиом. А генетиката е одговорна за само 7 до 13 проценти од ризикот за болести. Според новото истражување, можно е и одредени болести да се пренесуваат во фамилијата поради заедничкиот простор на живеење, а не поради гените.

Но, се’ уште е рано за ова истражување бидејќи само што почнуваме да ја разбираме поврзаноста помеѓу нашите внатрешни микробиоми и дебелината. Се’ додека не дознаеме повеќе, правилната исхрана и вежбањето остануваат клучни.

Истражувањето е објавено во „Nature“.

Поддржете ја нашата работа: