Дебелината може да доведе до депресија

Една од најсериозните последици на седечкиот начин на живот е дебелината.

Недостатокот на движење и други физички активности предизвикуваат качување на килограмите. Веќе е познато дека дебелината сериозно штети на нашето здравје бидејќи може да предизвика разни болести на кардиоваскуларниот систем, дијабетес па дури и малигни болести.

Научниците од Универзитетот во Јужна Австралија и Универзитетот Екстер од Обединетото кралство, во својата студија се обиделе да откријат какво влијание има дебелината на психичкото здравје на поединецот. Дошле до сознание дека вишокот на килограми може да предизвика депресија. Својата студија ја објавиле во списанието International Journal of Epidemiology.

Експертите пронашле доказ дека високиот индекс на телесна маса може да поттикне недостаток на енергија. За да ја потврдат својата теорија, користеле генетски пристап при тестирањето на односот помеѓу дебелината и депресијата.

Користеле податоци од британската Био банка во која се наоѓаат податоци од 500 000 луѓе кои страдале од депресија. Проучувале 73 генетски варијанти поврзани со високиот индекс на телесна маса, како и со други болести како што се дијабетес и срцеви болести.

Поради генетските особини настанува и ризик од депресија, што може да се објасни со помош на биолошките и психолошки механизми.

Научниците исто така проучувале уште 14 генетски варијанти кои се поврзани со високиот процент на телесна маса, но кои немаат влијание на други здравствени проблеми. Дошле до заклучок дека и тие варијанти биле поврзани со депресијата која би можела да се објасни само со помош на психолошките механизми.

“Ги одвоивме психолошките компоненти на дебелината од влијанието на здравјето користејќи гени кои се поврзани со зголемениот индекс на телесна маса, но со помал ризик од појава на болести како што е дијабетесот. Овие гени се силно поврзани со депресијата, исто како што други гени се поврзани со зголемената телесна маса и дијабетес”, вели Елина Хипонен, автор на студијата.

Дебелината предизвикува депресија со или без поврзани здравствени проблеми кај жените. Многу слабите мажи се посклони на депресија од мажите со нормална тежина или многу слабите жени.

Меѓутоа, податоците се собрани од лица кои се родени помеѓу 1938 и 1971 година. Не е познато дали се вредни истите сознанија на помладата генерација.

Поддржете ја нашата работа: