Дешифрирани илјадници староегипетски текстови

Во 1897 година, двајца британски студенти по археологија – Бернард Гренфел и Артур Хант, во песочните дини близу градот Оксиринх – 200 км јужно од Каиро во Египет, откопале 500.000 фрагменти од египетски папируси. Секако, сите овие ракописи требало некој да ги прочита.

Помеѓу 1898 и 2012 година, експертите успеале да направат транскрипција на нешто повеќе од 5.000 од овие 500.000 документи кои сега се чуваат во библиотеката Саклер во Оксфорд , а се сопственост на Египетското друштво на истражувачи во Лондон. Тоа значи дека им биле потребни повеќе од еден век да дешифрираат само еден процент од документите.

Сфаќајќи дека им е потребна помош, експертите на чело со Дирк Обинк од Универзитетот Оксфорд, регрутирале повеќе од 250.000 волонтери кои биле подготвени да ги дешифрираат текстовите преку интернет.

Со проектот наречен Антички животи (Ancient Lives Project) кој започнал во 2014 година, на сите што имаат основни познавања од старогрчката азбука им бил овозможен пристап до текстовите преку интернет, за да се обидат да ги дешифрираат. Подоцна транскриптите биле проверувани со помош на посебен софтвер.

Последните резултати од проектот конечно беа објавени на состанокот на Светскиот фонд за споменици, минатата недела во Лондон. Колекцијата на текстовите е исклучително интересна.

Текстовите кои главно потекнуваат од периодот помеѓу првиот век п.н.е.и седмиот век од новата ера, опфаќаат антички драми, поеми, судски извештаи, па се’ до листи за пазарување, најраниот примерок од местење на натпревари што некогаш е откриен, како и понова верзија на една Библиска приказна.

„Еден фрагмент истражуван во 2011 година открива едно изгубено Евангелие кое претставува рана верзија на приказната кога Исус истерува демони од опседнат маж. Приказната се јавува и во Евангелието по Лука (VIII, 26-33) и во Евангелието по Матеј (VIII, 28-32 ), двете напишани подоцна, но нивната верзија има и дополнителен детал, каде се вели дека демоните биле префрлени во свињи и удавени во блиското езеро“- објаснува Џек Малверн во „The Australian“.

„Ова сугерира дека некои од подоцнежните приказни во Библијата  биле проширени или разубавени“-забележува Обинк.

Досега се дешифрирани и 24 медицински текстови, меѓу кои и еден антички лек за мамурлак, кој беше објавен при крајот на минатата година.

Проектот продолжува понатаму и секој волонтер е добродојден и може да се регистрира тука.

Исто така , некои од транскриптите може да прочитате тука.

Поддржете ја нашата работа: