Во новата студија во која се споредени скенирања од мозокот на деца единци и на оние кои растеле со брат или сестра, забележани се големи разлики во волуменот на сивата маса, а истражувачите велат дека ова е прв невролошки доказ кој ги поврзува промените на структурата во мозокот со различно однесување.
Научниците од кинескиот Универзитет Саутвест испитувале 303 студенти.Со тестови била испитана интелигенцијата, креативноста и личноста на студентите, а користено е и скенирање на мозокот со помош на магнетна резонанца.
Иако резултатите не покажале разлика во однос на интелигенцијата кај двете групи (деца единци и деца со браќа и сестри), откриено е дека децата единци покажуваат поголема креативност. Во социјалните вештини сепак постигнале послаби резултати.
Резултатите пак од магнетната резонанца, покажале невролошки разлики во волуменот на сивата материја кај учесниците како резултат на нивното воспитување. Резултатите велат дека децата единци имаа поголема количина на сива материја во париеталниот лобус, за кој се смета дека е поврзан со перцепцијата и менталната флексибилност. Наспроти тоа, кај нив исто така е откриен помал волумен во други области на мозокот, како на пример во средниот префронтален кортекс, дел одговорен за личноста и социјално однесување.
Иако уште не се разјаснети сите детали во врска со оваа тема и истражување, сепак е јасно дека постои поврзаност помеѓу семејното опкружување и начинот на кој се развива човечкиот мозок.