Чудовиштето од Лох Нес можеби е митско, но Шкотска сепак некогаш била дом на огромни диносауруси кои се движеле по плитките води.
Стивен Брусат од Универзитетот во Единбург и неговиот колега Том Чаландс пронајдоа неколку стотици отпечатоци од стапала во крајбрежната лагуна на островот Скај, кои датираат од средиот Јура период, пред 170 милиони години.
Големината на отпечатоците (до 70 см во дијаметар) сугерира дека тие припаѓале на раните сауроподи кои имале поголем отпечаток од Т.Рекс.
Овие диносауруси тежеле околу 20 тона, а достигнувале височина до 15 метри. Биле едни од најголемите суштества што некогаш живееле на Земјата и се хранеле со растенија. Не пливале во вода, но најверојатно се движеле во плитките води на оваа лагуна. Можеби растенијата таму им биле добар извор на храна или пак на некој начин биле заштитени од другите диносауруси, велат истражувачите.
Многу малку фосилни коски се зачувани од средниот Јура период и постојат само неколку наоѓалишта во светот. Ова претставува нов дел од реконструкцијата на животот на сауроподите и отвора нови можности за откривање на начинот на кој примитивните сауроподи се движеле и го развиле својот локомоторен систем.
Истражувањето е објавено во „Scottish Journal of Geology“.