Директно претварање на светлината во електрична енергија

Се работи за мал уред кој, како што велат истражувачите, е комбинација од антена и диода. Антената го собира електромагнетното зрачење, го конвертира сигналот во наизменична струја – многу слично како и радио антената и ја испраќа низ диода којашто ја претвора во еднонасочна струја.

Како практичен начин на претворање на видливата светлина во електична енергија, ова, теоретски, за прв пат е опишано  од Роберт Бејли уште во 1972 година.

Зошто биле потребни 40 години од теорија за ова да се спроведе во пракса, според истражувачите е поради две причини. Прво, потребна е доволно мала антена која резонира на една бранова должина и второ, потребен е доволно голем систем, за да генерира големо количество на енергија. Колку повеќе вакви антени има во системот, поголема е можноста да се собере појак сигнал. Но, секое намалувањето на големината  на диодата доведува до зголемување на електричниот отпор, што претставувал главниот проблем во претходните истражувања.

Истражувачите го надминале овој проблем со тоа што, наместо антена со две различни компоненти кои функционираат или како антена или како диода, тие употребиле јаглеродни нано цевчиња, кои во исто време ги имаат двете функции. Цевчињата дејствуваат како антени, кои ја собираат светлината. Светлината создава наизменичната струја, која поминува низ минијатурните исправувачи кои се вградени во самиот ѕид на цевчињата. Како резултат на тоа, светлината директно се претвора во електрична енергија. Со поставување на голем број на вакви цевчиња во еден систем, можно е да се добие значително количество на енергија.

Сепак, засега ефикасноста на овој уред сѐ уште е мала и изнесува под еден процент, што значи дека многу мало количество на светлина се претвора во електрична енергија. Истражувачите се надеваат дека со оптимизирање на технологијата ќе ја зголемат ефикасноста и до 40 проценти, што ќе овозможи овие уреди да се користат за соларни ќелии, кои директно ќе ја претвараат сончевата светлина во електрична енергија.

Истражувањето е објавено во „Nature Nanotechnology“.

Поддржете ја нашата работа: