ДНК тест кој ја одредува сексуалната ориентација

Истражувачите од Универзитетот на Калифорнија, Лос Анџелес, тврдат дека со нивниот нов алгоритам може да се одреди сексуалната ориентација кај мажите со прецизност до 70 проценти.

Потребен е само примерок од плунка, преку кој се врши анализа на епигенетските маркери кои влијаат на експресијата на гените, за да се одреди дали некој е хомосексуалец или не.

Истражувањето е направено на 47 парови на идентични машки близнаци. Кај 37 од паровите еден од близнаците бил хомосексуалец, а другиот хетеросексуалец, додека во контролната група биле вклучени 10 пара хомосексуални близнаци.

Истражувачите зеле примероци од плунката од секој од учесниците за да видат дали постојат какви било разлики помеѓу хомосексуалните/хетеросексуалните близнаци што може да се смета како епигенетска причина за разликите во нивната сексуална ориентација.

Податоците биле обработени со посебен алгоритам развиен од истражувачите. После разгледувањето на гените на сите учесници, истражувачите откриле специфични епигенетски маркери на различни делови од нивните геноми. Преку овие маркери можело да се одреди сексуалната ориентација во седум од десет случаи.

Сепак, според други експерти од оваа област ќе бидат потребни дополнителни истражувања за да може да се поддржат овие наоди, со оглед на малиот број на учесници во испитувањето.

Наодите од истражувањето биле презентирани на состанокот на Американското здружение за хумана генетика.

Науката порано или подоцна ќе има информации и одговори за многу прашања и мистерии, меѓутоа што понатаму со истите? Дали светот е подготвен за тестови од овој тип, кој од една страна може да овозможат подобро разбирање на човековата биологија и различност, а од друга страна постои сериозна опасност истите да се користат во некои општества за жигосување луѓе.

Поддржете ја нашата работа: