Доручекот е најважен доколку сакате да изгубите телесна тежина

Научниците од Израел проучувале 11 жени и 18 мажи со дијагностициран дијабетес тип 2 и дебелина. Пациентите кои земале инсулин биле на возраст од околу 69 години.

Првата група земала обилен доручек, не многу богат ручек и многу малку храна за вечера. Втората група во текот на еден ден внесувала по шест помали оброци. Биле забележани промени во вредноста на гликоза и телесната тежина.

Резултатите покажале дека планот на исхрана со три оброци, со високоенергетски доручек е многу поуспешен начин за слабеење отколку 6 помали оброци во текот на денот.

Првата група во текот на испитувањето просечно изгубила по околу 5 килограми, додека втората само 1,5 кг. Гладот и желбата за храна кај првата група се намалиле, додека кај втората група се зголемиле. Дополнително, на групата која конзумирала високоенергетски доручек и бил потребен значително помалку инсулин, а втората морала да прима повеќе инсулин отколку порано.

Резултатите од истражувањето се презентирани на годишниот состанок на ендокринолошкото здружение во Чикаго, а препораките се дека правилното време на земање на храна и фреквенцијата на оброкот можат да имаат значајна улога во контролирањето на тежината кај дијабетичарите.

Иако испитувањата се правени на пациенти кои веќе боледуваат од дијабетес, Daniela Jakubowicz, главниот автор на студијата вели дека резултатите се целосно применливи и за пациенти кои страдаат од дебелина, а не страдаат од дијабетес.

Д-р. David Friedman, нутриционист кој учествувал во испитувањето вели дека обилниот доручек по кој во текот на денот следат два помали оброци, може да помогне при борбата со килограмите.

Поддржете ја нашата работа: