Дознајте кои се најзелените компании во светот

СПОДЕЛИ

„Clean 200“ листата се состои од најеколошките интернационални компании, кои се дури три пати попродуктивни од компаниите-загадувачи.

Тојота, Тесла, Вестас, ДОНГ Енерџи и Панасоник се само некои од „најзелените“ компании во првата досега „Carbon Clean 200“ листа.

Листата која беше објавена вчера, а е составена за прв пат, ги рангира најголемите компании според нивната вкупна потрошувачка на енергија и заработка, според проценката од „Bloomberg New Energy Finance“. На листата доминираат фирми од Кина и САД.

За да се квалификуваат, компаниите мора да имаат заработка од најмалку една милијарда долари и да генерираат 10 проценти од нивните заработки од обновливи извори.

Повеќе од 70 од компаниите вклучени на листата, најголемиот дел од своите заработки ги прават користејќи обновлива енергија. Најголем дел од нив се од Кина (66 компании) и САД (40), иако има голем број фирми и од Јапонија (20), Германија (8), Индија (7) и Канада (5).

„Овие 200 компании заработија речиси тројно повеќе од компаниите кои зависат од фосилни горива во изминатите 10 години, покажувајќи дека компаниите кои користат обновливи ресурси обезбедуваат цврста и голема заработка на инвеститорите“, вели Тоби Хипс, извршен директор на „Corporate Knights“ и коавтор на извештајот.

Ендрју Бехар, извршен директор на „As You Sow“, кој е исто така коавтор на листата, вели дека намерата зад „Clean200“ е да се започне дискусија што е тоа што ги дефинира компаниите и што ќе биде дел од иднината на обновливата енергија.

„Оваа листа е далеку од совршена, но почнува да покажува како е можно да се забрза и капитализира најголемата енергетска транзиција од индустриската револуција“, смета тој.

Преземено од „Радио Моф“.

Дискусија

Коментари