Британските научници откриле дека дремката, не помага само полесно да го поминете работниот ден , туку може да ве направи и посреќни.
Во интернет-анкетата спроведена за Единбуршкиот меѓународен фестивал за наука, учествувале повеќе од 1.000 луѓе од разни возрасти, а резултатите покажале дека нивото на нивната среќа зависело од тоа дали и колку долго дремнуваат во текот на денот.
Учесниците биле поделени во три групи: тие кои воопшто не дремнуваат, тие чија дремка трае помалку од 30 минути и тие кои дремнуваат повеќе од 30 минути.
Преку анализа на одговорите од учесниците на низа психолошки прашања, научниците откриле дека 66 проценти од тие што кратко дремнувале ја зголемиле продуктивноста, но и се чувствувале посреќни во споредба со тие што не дремнувале( 60 проценти) и тие чија дремка траела подолго од 30 минути (56 проценти).
„Досегашните истражувања покажале дека кратка дрека до 30 минути не прави пофокусирани, попродуктвни и покреативни. Новите наоди укажуваат дека тоа е извонредна можност да станете и посреќни“- вели психологот Ричард Вајсман од Универзитетот во Хертфордшир. Тој истакнува дека некои компании, како на пример Гугл, веќе имаат посебни простории каде нивните вработени можат да дремнат.
Сепак, бројот на фирми кои ова го практикуваат е мал. Само 11 проценти од испитаниците рекле дека им е дозволено кратко да дремнат на работа.
Вајсман нагласува и дека иако кратките дремки – од 20 до 30 минути се корисни за здравјето и ги подобруваат перформансите, честите подолги дремки се поврзани со одредени ризици за здравјето.