Дрога за одвикнување од дрога

Парадоксално, третманот кој најмногу ветува може да биде еден екстракт од канабисот. Минатиот месец на средбата на Британската асоцијација на невронаучници, во Единбург, истражувачите од Универзитетскиот колеџ во Лондон, опишале случај каде супстанцијата наречена канабидиол, му помогнала на лице со тешка зависност. Клиничките испитувања се во тек.

За разлика од повеќето форми на зависност од дрога, не постои медицински третман што ќе им помогне на лицата да ја намалат употребата на канабисот.

Можната поврзаност помеѓу пушењето марихуана и шизофренијата е прилично добро позната, иако таа врска е контраверзна и влијае на мал дел од корисниците. Се чини дека зависноста е многу поголем проблем, но сепак често се занемарува.

Не постои универзална дефиниција за тоа што е зависност. Се смета дека некој е зависник ако сака, а не може да престане да користи дрога или ако тоа има негативен ефект врз неговиот живот – веројатно би почувствувал апстиненцијална криза, што го прави откажувањето тешко. Во случаи на голема употреба на канабис може да се јават и анксиозност и несоница.

Нејасно е колку од корисниците на марихуана стануваат зависници. Најчесто се споменува дека 9% од редовните корисници стануваат зависни, што веројатно се извлекува од една студија во САД од 1990-тите. Ова го прави канабисот дрога што релативно ретко создава зависност, во споредба со другите дроги – бројката за хероинот е 23%, а за алкохолот 15%. Сепак, ризиците за создавање на зависност од канабис се зголемуваат, затоа што многумина мислат дека воопшто не создава зависност. Но, факт е дека бројот на лица што бараат помош за својот проблем со канабисот постојано расте, особено помеѓу тинејџерите. Во изминатата деценија бројот на лица под 18 години кои побарале помош за одвикнување од канабис пораснал за 50 проценти. Причина за ова можеби е тоа што достапниот канабис е сѐ помоќен, со зголемено ниво на „THC“ (тетрахидроканабинол – супстанцијата што ве прави „хај“). Пролонгираната изложеност на „THC“ го намалува нивото на природната верзија на оваа супстанција во мозокот, што се нарекува анандамид. Нивото се обновува по престанок на употреба на дрогата, но во меѓувреме се појавуваат  апстиненцијални кризи. Затоа, канабидиолот – уште една супстанција во канабисот, може да помогне да се зголеми анандамидот.

Во 2012 година, доктори од Сао Паоло во Бразил, предложиле синтетички канабидиол за третман на 19 –годишна жена, која имала интензивни апстиненцијални кризи, кога и да се обидела да се откаже од канабисот. Таа пушела марихуана секој ден од својата 13-та година. Нејзините кризи биле олеснети само еден до два дена после земањето на канабидиолот и таа успеала да се откаже од дрогата. Ова е еден од можните начини да им се помогне на луѓето во откажувањето од дрогата.

Истражувачите од Унивезитетскиот колеџ во Лондон прават истражување споредувајќи го канабидиолот со плaцебо, кај 48 лица избрани по случаен избор и ќе ја прошират на 168 лица, ако првите резултати бидат позитивни.

Друга стратегија која била разгледувана е самиот „THC“, како супституциона терапија, но сепак, истражувачите нагласуваат дека со ова зависниците не се ослободуваат од зависноста.

Поддржете ја нашата работа:
Ви благодариме за секоја ваша поддршка и донација