Големата анализа на тековните истражувања покажува дека луѓето кои јадат најмалку 20 грама ореви дневно имаат помал ризик од срцеви заболувања, рак и други болести.
Анализата на сите тековни студии за внес на ореви во организмот и ризикот од болести откри дека 20 грама внес на ореви во организмот може да ви го намали ризикот од срцеви заболувања за приближно 30%, ризикот од рак за 15% и ризикот од прерана смрт за 22%.
Во просек од најмалку 20 грама внес на ореви во организмот се намалува ризикот за појава на респираторни болести на половина и дијабетес за речиси 40 проценти, иако истражувачите забележале дека процентот за потрошувачката на орев не е во целост истражен.
Истражувачкиот тим анализирал 29 објавени студии од целиот свет во кои се вклучени повеќе од 819.000 учесници, вклучувајќи повеќе од 12.000 случаеви на коронарна срцева болест, 9.000 случаеви на мозочен удар, 18.000 случаеви на кардиоваскуларни болести и рак, и повеќе од 85.000 смртни случаеви.
Иако постојат разлики меѓу населението кое се анализира, како на пример помеѓу мажите и жените, и луѓето кои живеат во различни региони, истражувачите откриваат дека конзумирањето ореви делува подеднакво благотворно кај повеќето од нив.
Авторот на студијата Дагфин Оне од школата за јавно здравство во Лондон вели: „Во нутриционистичките студии, досега голем дел од истражувањата се посветени на срцеви болести, рак и мозочен удар, но отсега започнуваме со истражување на други болести“.
„Откривме постојано намалување на ризикот кај повеќе различни болести, што е силен показател дека постои реална врска помеѓу конзумирањето на ореви и различните здравствени исходи. Тоа е прилично голем ефект за толку мала количина на храна”.
Во друга студија, направена паралелно со оваа, се вклучени сите видови јаткасти плодови, како кикириките, лешниците, бадемите, заедно со сите мешункасти растенија. Резултатите биле генерално слични како и во случајот со оревите, со мала разлика во количинскиот внес, зависно за кој плод станува збор.
„Она што ги прави оревите толку корисни е нивната хранлива вредност. Богати се со растителни влакна, магнезиум и незаситени масти кои се корисни за намалување на ризикот од кардиоваскуларни заболувања и намалување на нивото на холестерол“– вели Оне.
„Оревите исто така се природни антиоксиданси, што придонесува во борбата против ракот и иако содржат високо ниво на масти, голем број на нутриционисти ги препорачуваат во борбата против прекумерна телесна тежина”.
Во студијата се вели дека конзумирањето ореви, со дневен внес од 20 грама е важно за општото подобрување на здравјето.
Тимот истражувачи наскоро ќе ги анализира и другите препорачани групи на храна, како овошје и зеленчук, со цел да се открие процентот на најголем бенефит од растенијата, важен за човечкиот организам.