Ефектите од конзумирањето на марихуана за време на бременоста

Со оглед на се’ поголемата употреба на канабисот, се зголемува и загриженоста за влијанието на различните системи и органи во телото. Како главна тема се издвојува употребата на марихуаната за време на бременоста, а едно ново истражување обезбедува дополнителни докази дека бремените жени не треба да ја конзумираат оваа зелена тревка.

Употребата на марихуана за време на бременоста се поврзува со предвремено раѓање, како и потреба за интензивна нега, според анализата објавена во „BMJ Open“. Истражувачите анализирале седум бази на податоци за ефектите на канабисот за време на бременоста, и на мајката и на бебето, и откриле неколку загрижувачки врски.

Бремените жени кои користеле канабис имале 36% поголеми шанси за анемија, а бебињата кои биле изложени на канабис во матката имале 77% поголеми шанси да имаат премала тежина при раѓањето. Овие бебиња исто така имале двојно поголеми шанси за потреба од интензивна нега.

Овие информации доаѓаат веднаш после неодамнешните истражувања кои покажаа дека канабисот потенцијално го зголемува ризикот за психоза, сообраќајни незгоди, хепатитис, ХИВ и ТБ.

„Оваа супстанца останува „дрога по избор“ во развиените земји, како и во земјите во развој, со оглед на тоа дека до 5% од лицата меѓу 15 и 64-годишна возраст ја конзумираат насекаде низ светот“, истакнуваат истражувачите.

Иако од овие податоци тие не можеле да направат солидни заклучоци за причината и ефектите, со оглед на тоа што немало доволно податоци за тоа дали мајките користеле некои други незаконски дроги или алкохол за време на бременоста – фактори за кои е познато дека допринесуваат за предвремено раѓање и мала родилна тежина, сепак истражувачите предупредуваат дека има негативни последици од конзумирањето на марихуана за време на бременоста.

Со оглед на тоа што оваа дрога станува се’ подостапна и поприфатлива насекаде низ светот, истражувачите сметаат дека разбирањето на нејзините ефекти врз здравјето на мајката и на бебињата треба да стане глобален приоритет, а мајките и докторите соодветно да се информираат за да планираат безбедна бременост.

Извор: „Medical Daily“.

Поддржете ја нашата работа: