Епското патување на синиот кит

Научниците кои ги проучуваат сините китови во водите на Чиле, ја решија мистеријата за тоа каде одат овие огромни животни за да се размножуваат.

Истражувачите, го следеле движењето на еден син кит – женка наречена Изабела, која најмалку еднаш патувала од заливот Корвокадо во Чиле до екваторијалните води на островите Галапаго. Оваа локација е оддалечена повеќе од 5 илјади километри и научниците сметаат дека претставува место каде што китовите се размножуваат. Ова патување на синиот кит го претставува најголемото миграциско движење од север на југ коешто некогаш е забележано во јужната хемисфера.

„Откривањето на овој пат на синиот кит од јужниот дел на Чиле до водите на Еквадор е од големо значење за нивна заштита. Токму затоа, ова откритие ја нагласува потребата за соработка помеѓу научниците и истражувачките организации од различни држави, бидејќи напорите за заштита на сините китови, како и другите океански видови, се недоволни поради нецелосното познавање на нивниот миграциски досег“, истакнуваат научниците.

„Со ова истражување сакаме да ги охрабриме владите да размислат за создавање на мрежа на заштитени подрачја за успешно зачувување на овој, и на другите видови кои мигрираат“.

Достигнувајќи должина до 30 метри и тежина од речиси 200 тони, синиот кит се смета за најголемото животно кое некогаш живеело на Земјата. Во 1966 година добил меѓународна заштита, бидејќи бил на работ на истребување поради лов.

Поддржете ја нашата работа: