Европскиот парламент побара забрана за развој , производство и користење на автономно вооружување, односно оружје со кое би управувала вештачката интелигенција.
Вештачката интелигенција и роботи во иднина би требало да заменат голем број работни места на кои моментално работат луѓето, со што ќе им се препушти управувањето со автомобили, машини и слично. За некои држави, како САД, Велика Британија, Русија, Израел и други, интересна е можноста за препуштање на воените задачи и одлуките каде станува збор за живот или смрт на вештачката интелигенција.
Многу научници и експерти од оваа област, повеќе пати предупредуваа на опасноста од ваквото автономно оружје и потпишуваа петиции против неговиот развој, а минатата недела недела, за таканаречените роботи – убијци, се огласија и од Европскиот парламент.
ЕП, во четвртокот донесе резолуција во која се бара забрана за развој, производство и користење на автономно вооружување со кое би управувала вештачката интелигенција и би донесувала одлуки за убиства без никакво влијание на луѓе во донесување на истите.
“Знам дека ова може да звучи како дебата за нешто што ќе се случи во далечна иднина или што е научна фантастика. Но, не е.” – коментираше комесарот за надворешна и безбедносна политика, Федерика Могерини.
Додека дел од застапниците во Европскиот парламент смета дека оваа резулуција би можела да го ограничи понатамошниот развој на вештачката интелигенција, поголемиот дел од застапниците сепак се свесни за потенцијалната опасност, па затоа сметаат дека треба да реагираат навремено и да го сопрат развојот на ваквата потенцијално опасна технологија, односно начинот на кој таа се користи.
Она што е исклучително важно е дека во забраната мора да биде меѓународна и да се однесувва на сите земји, бидејќи во спротивно, дел од земјите кои би продолжиле со развој на вакво вооружување ќе бидат во голема предност пред другите земји – стои во барањето.
Со донесена одлука ЕУ, прво ќе се обиде да воспостави заеднички став за сите земји-членки пред почетокот на меѓународните преговори закажани за ноември.