Флерт на работа- повеќе секс дома

Разменувате погледи, се задевате едни со други и имате интерни шеги. Ова е вашата канцелариска романса. Иако сте во посветена врска и го сакате вашиот партнер, сепак се чувствувате виновни поради симпатијата од канцеларија. Според една неодамнешна студија објавена во „Journal of Sex & Marital Therapy“, флертот на работа може да биде од корист за вашата врска, бидејќи ја зголемува вашата сексуална желба и привлечност кон вашиот партнер.

Развивањето на привлечност, па дури и чувства за некој надвор од вашата врска е почесто отколку што се очекуваше. Неизбежно е да бидете привлечени од некого, бидејќи така функционира мозокот. Кога ќе погледнете друго лице, мозокот брзо ги процесира визуелните стимулации и прави проценка за атрактивноста на другата личност, според една студија од 2011 година објавена во списанието „Neuroreport“.

Сепак, оние кои се во врска имаат тенденција да ја ревидираат оваа првична реакција. Ревизиите се прават со цел потенцијалните партнери да изгледаат помалку атрактивни. Овој процес е познат како потценување на алтернативи, кое им помага на двојките ја задржат својата посветеност во врската.

За да го истражи ефектот на канцелариската симпатија врз врската, тим на истражувачи за сексуално здравје на Универзитетот Колумбија, Универзитетот во Индијана, како и на Универзитетот во Кентаки, Лексингтон, спровеле анкета на 160 жени на возраст од 19 до 56 години, сите со високо образование. Вообичаено, повеќето од овие жени биле во врска три години или подолго, или во брак. Одговарале на прашања во врска со нивните партнери и нивните сексуално привлечни симпатии.

Околу 70%  од испитаниците се изјасниле дека имаат симпатија надвор од нивните односи и во голем дел тоа е некој од колегите. Жените не биле загрижени за флертувањето и велат дека тоа не се одразува на нивната врска.

„Иронично, исто така, изјавиле дека флертот со колегата/симпатијата ја зголемува нивната желба за својот партнер”, велат истражувачите. Жените кои се „занесени“ по колегата стимулираат повеќе сексуални мисли за своите партнери. Ова се нарекува емоционален трансфер, односно зголемената сексуална желба за колегата се пренасочува кон партнерот.

Значи, флертот на работа е безопасен, доколку не премине на нешто повеќе? Не баш. Емотивната енергија која ја трошите на некој друг, освен вашиот сегашен партнер може да доведе до емотивен јазол. Дури може да се смета за мамење од страна на вашиот партнер. Во една студија од 2013 година, објавена во списанието „Evolutionary Psychology“, кога учесниците биле запрашани кои однесувања ги сметаат за „ мамење” на партнерот, над  50% се изјасниле за формирањето на длабока емоционална врска. Жените почесто од мажите го доживуваат овој вид на однесување како изневерување.

Обрнувањето на внимание на некој друг може да изгледа како едноставна безопасна забава, но тоа, исто така, може да биде показател дека нешто недостига во вашата врска. Ориентирањето кон некој друг, освен вашиот партнер, или поголемата свесност за атрактивноста на другите е познато како перцепирање на алтернативи. Како што претходно рековме, оние кои се задоволни и посветени во врската, потсвесно ги потценуваат алтернативите.

Без оглед на мотивите, бидете внимателни додека „плакнете очи“ на работа и бидете свесни за границите кои мора да постојат.

Поддржете ја нашата работа: