Г-20 клучни за спречување на енергетска криза

 

Дискусијата е неопходна не само затоа што енергетскиот сектор е одговорен за две-третини од глобалните емисии на стакленички гасови, главната причина за климатските промени, туку и затоа што тоа влијае на секој дел од нашите животи. Горивата кои се користат за напојување на нашите домови, автомобили, развојот на индустриите за јаглен, гас и нафта во следните децении – се прашања кои зависат од светската енергетска политика.

Веќе имаме збир на правила кои ги регулираат енергетските пазари во светот. Проблемот е во тоа што тие не се во чекор со трансформациите на енергетските пазари, кои сега се случуваат побрзо од кога било.

 

Промена на светската енергетска слика

 

Земјите кои беа големи енергетски увозници пред само неколку години стануваат извозници, додека поранешни извозници стануваат големи потрошувачи. Кина, на пример, сега е најголемиот светски потрошувач на енергија и е на пат да стане  најголемиот увозник на нафта. Индија, пак, се предвидува дека ќе стане најголем увозник на јаглен во следнава деценија.

САД кои некогаш беа најголемиот потрошувач на енергија и зависеа од  нафтата на Блискиот Исток, би можеле да создадат мотив за енергетска независност преку  развивање на неконвенционални извори на  нафта и гас. Тоа сценарио ќе има реперкусии не само за глобалната геополитика, туку и за цената на нафтата и гасот во светот.

Резултатот е тоа што енергетските пазари повеќе не се контролирани од страна на мала група на богати земји во Европа и Северна Америка. Наместо тоа, се реконфигурираат од страна на зголемената побарувачка за енергија од Азија и Блискиот исток.

 

Старите правила

 

Меѓународната агенција за енергетика (IEA), најистакнатата меѓународна организација со која се регулира глобалната енергија, е основана во 1974 година од страна на најголемите светски нафтени потрошувачи, како последица на нафтените шокови во раните 1970-ти. Меѓутоа, создадена е во време кога Кина била нето извозник на нафта и климатските промени биле “непознат поим”. Денес, 4 од топ-10-те потрошувачите на енергија, што претставува 40% од светското население – Кина, Индија, Бразил и Русија – не се членови на „IEA“.

Како резултат на тоа, постои голема поделеност меѓу развиените земји и  новите економии. Ова го ограничува потенцијалот за соработка не само за традиционалните прашања како што се нафтените планови за итни случаи, со оглед на тоа дека некои од најголемите нафтени потрошувачите сега се надвор од „IEA“, тука и за енергетската соработка и политика воопшто. Неминовно е да се променат досегашните правила и тоа може да предизвика бура реакции.

 

Што Г-20 може да направи?

 

САД, Европа и Јапонија ги дизајнираа старите правила. Кина, Индија и Бразил мора да бидат дел од создавањето на новите.
Правилата ќе бидат од клучно значење за нашата иднина. Како што рече поранешниот кинески премиер Вен Џиабао во 2012 година, Г-20 треба да осигура дека правилата се “безбедни, стабилни и одржливи”.

Еве неколку предлози:

Прво, глобалните енергетски правила мора да бидат сигурни дека сите влади ќе имаат безбеден пристап до стабилно снабдување со енергија за својот народ и  економија.

Второ, овие правила мора да работат за да се ублажи енергетската сиромаштија, која е широко распространета и перзистентна. Околу 1,4 милијарди луѓе немаат основен пристап до електрична енергија.

И последно, глобалната енергетска политика треба да ја промовира одржливоста. Тука доаѓаат до израз климатските промени и глобалното затоплување. Неопходна е трансформација на енергетскиот сектор, особено со оглед на сериозноста со која светските лидери го третираат ова прашање.

Предизвиците се големи, меѓутоа со избор на вистинските учесници, би можело да се очекува позитивна и ефективна дискусија.

Поддржете ја нашата работа: