„Тетоважа“ за контрола на мислите

Постоечката опрема за снимање на активностите на мозокот или електроенцефалограм (ЕЕГ) е голема и гломазна. Тим инжинери од Универзитетот во Илиноис, предводени од Џон Роџерс, создале нешто многу подобро – дискретен ЕЕГ систем што се лепи на кожата позади увото и ги снима мозочните активности.

Уредот е толку лесен, што се држи за кожата без адхезиви и може да се носи постојано во период од две недели. Се одлепува откако ќе се насобере слој од мртви клетки од кожата под него. Системот се состои од лепенка со златни електроди кои ги читаат мозочните сигнали.

За да го тестираат, истражувачите ги испробале перформансите на системот во задачи за кои вообичаено се наменети клиничките ЕЕГ системи. На пример – иако не така брзо и прецизно како преку тастатурата и „глувчето“, волонтерите што учествувале во тестирањето успеале да го „напишат“ зборот „комјутер“ на екранот пред нив, само со користење на електричните активности од нивниот мозок.

За почеток, главната примена на овој систем би била за медицински цели. Но фактот што може дискретно да стои позади уво значи дека е возможно да се примени и за многу други различни намени. Особено оние кои по својата природа се повеќе пасивни отколку активни, на пример да го вклучи апаратот за кафе наутро, кога вашата мозочна активност покажува дека почнувате да се будите. Или, ако уредот „прочита“ дека сте во состојба на висока фокусираност, би можел да му каже на вашиот телефон да ги стиши сите известувања.

На уредот се’ уште му треба мала доработка. За време на тестирањето тој бил поврзан со жици за компјутер, но тимот верува дека безжичен пренос на енергија и податоци нама да претставува голем проблем, бидејќи веќе успеале да постигнат такво нешто кај слични уреди.

ЕНаука.мк
Ви благодариме за секоја ваша поддршка , донација и сугестија BTC=15qk6EUHTeHF9Y6mava8sJFcJVpWXAidK6 DOGE=DNQUB9HjQKpW353XsG44D9X34JhD5YcCXm ETH=0x760607ca70be5720f68c848ede4dd3bc530e032c SOL=E7xEBsmHDcZ7VPzU7ZFYY34mpbpZxnMtRA9nTytDAmJt