Едно истражување направено од Универзитетот во Флорида покажува дека колку повеќе родителите се гладни, толку повеќе ќе ги хранат своите мали деца за време на оброкот, што може да има влијание на детската гојазност.
Со малото пилот истражување биле опфатени 29 деца на возраст од 3 до 6 години, при што мајките требало да го рангираат нивото на својата глад, како и нивото на глад на своето дете, пред оброкот. Помеѓу жените кои биле со прекумерна тежина или дебели, тие што го рангирале своето ниво на глад повисоко, исто така сметале дека и нивните деца се погладни, па затоа и децата ги хранеле со поголемо количество на храна.
Истражувачите откриле и дека независно од тежината на мајката и нејзината перцепција за својата глад, повеќето од учесниците на своите деца им давале поголеми порции со храна од препорачаните дневни количини. Мајките просечно им сервирале 573 калории, додека децата конзумирале во просек 445 калории. Препорачаното дневно количество на калории за деца од 3 до 6 години изнесува 1.000 до 1.400 калории. Идеален внес на калории по оброк за деца на таа возраст не би требало да надминува 400 калории, велат истражувачите.
Истражувањето било креирано со цел да одреди кои фактори имаат влијание за тоа колку храна им даваат родителите на своите мали деца. Доколку правилно се одредат овие фактори, може да се направат и интервенции со кои ќе им се помогне на родителите да ги хранат своите деца со соодветен оброци, што понатаму ќе им овозможи на децата подолг живот преку здрави навики во исхраната.
Бидејќи малите деца тешко можат да одредат кога се најадени, колку повеќе храна им се сервира за време на оброкот, поголема е веројатноста тие да изедат повеќе – велат истражувачите.
Сепак, истражувачите нагласуваат дека поради малиот примерок, нивното истражување е прелиминарно. Во понатамошните истражувања ќе треба да биде вклучена поголема група на учесници, со следење на вкупниот број на калории што децата ги внесуваат преку целиот ден, а не само за време на еден оброк.
Наодите од истражувањето се објавени во јунското издание на списанието „Journal of Human Nutrition and Dietetics“.