Глувци во вселената

Не се само луѓето тие што ќе го истражуваат Универзумот – и група од глувци –астронаути вчера (08.04.2016), со поддршка на НАСА, се упатија на Меѓународната вселенска станица (МВС).  

Се работи за експеримент наречен „Rodent Research-3“, со кој научниците се надеваат дека ќе откријат на кој начин „да ја спречат атрофијата на скелетната мускулатура и слабоста кај глувците“ – или со други зборови како да го спречат губитокот на коскеното и мускулното ткиво што вообичаено се случува при подолг престој во вселената. Ова е од голема важност, со оглед на планираните мисии со човечки екипаж на Марс.  

Како што пишува „Motherboard“, ова не е прв глодари да се носат во вселената за научни цели, но, вдомувањето на оваа група на глодари на МВС ќе им овозможи на научниците да ги спроведуваат експериментите подолго време.

Биолошката сличност со човекот ги прави глувците идеални примероци за проучување, додека нивниот краток животен век (просечно две години) значи дека експериментите може да бидат завршени во пократок временски рок.

Се разбира, лекарствата и третманите што би се користеле на МВС би можеле да се користат и на Земјата за третирање на мускулни заболувања, така што придобивките од истражувањето нема да се почувствуваат само во вселената. Астронаутите што сега се наоѓаат на МВС може да ги чуваат глувците од 30 до 90 дена, а животните ќе патуваат со ракетата „Драгон“ на „SpaceX“.

Штом ќе пристигнат, на половина од глувците ќе им биде инјектиран инхибитор на миостатинот – за кој се смета дека го успорува развојот на мускулите, додека другата половина од глувците ќе ја претставува контролната група.  

Истиот експеримент ќе се одвива и на Земјата, за да се споредат резултатите помеѓу двете групи, а научниците ќе ги набљудуваат глувците во вселената преку директна видео врска.

„Губењето на мускулната маса се јавува кај некои заболувања како што е мускулната дистрофија, АЛС, па дури и мускулно-скелетната слабост поврзана со стареењето. Се надеваме дека резултатите од овој експеримент ќе ни овозможат подобар научен увид за тоа како поефикасно да ги третираме пациентите кои страдаат од дистрофија на мускулите“- вели водачот на истражувањето Розамунд Смит за „Motherboard“.

Кога експериментите ќе завршат, глувците ќе бидат сецирани и вратени назад на Земјата за понатамошни проучувања на ефектите од лекот.

Поддржете ја нашата работа: