Глувците пеат

Нема сомнеж дека многу луѓе се плашат од глувци, или едноставно им се одвратни. Но, се повеќе докази покажуваат дека тие се многу слични на нас.

Дали знаете дека тие се смеат ако ги скокоткате? Исто така, можат меѓусебно да си ја почувствуваат болката (или барем да ја видат по изразот на лицето).

Новото истражување покажува дека и глувците пеат! Поточно, машките глувци пеат кога сакаат да ги придобијат женките. Луѓето не можат да го чујат тоа, бидејќи звукот е премногу пискав, но погледнете го видеото кое е прилагодено за да може да ја слушнеме песната на глушецот.


Што има во песната? Истражувачите од Универзитетот Дјук ја снимале вокализацијата на машките глувци кога тие го поминувале времето со женка, или кога ја мирисале нејзината урина. Потоа користеле специјална компјутерска програма за да видат како се нанижани „слоговите“ во песната.

Се покажало дека кога глувците ја мирисале урината, но не ја гледале женката, песните биле погласни и посложени, а кога се наоѓале во присуство на женката песните биле подолги но поедноставни.

Научниците сметаат дека тоа е така бидејќи машките глувци се трудат да ја освојат женката, а кога таа ќе дојде, ја штедат енергијата и повеќе се фокусираат на парење отколку на пеење.

Во вториот дел од експериментот се покажало дека женките глувци ги преферираат посложените повици, односно песни, што е дополнителен показател дека тие се ефикасно средство за заведување.

Научниците сакаат да продолжат со проучување на областите од мозокот кои се вклучени во производството на песните и да тестираат дали глувците можат да научат нови песни. Сметаат дека тоа може да има придобивки за луѓето со тоа што може да открие нови информации за нарушувањата во комуникацијата, како што е аутизамот.

Истражувањето е објавено во „Frontiers in Behavioral Neuroscience“.

Поддржете ја нашата работа: