Големината на тестисите е важна за вашето здравје

Тестисите се сместени во скротумот, надвор од телото, бидејќи нивната температура мора да биде нешто пониска од температурата на телото и во нив се создаваат сперматозоидите. Но, постојат и други работи што се поврзани со тестисите – како на пример нивната големина, која може многу да „каже“ за мажот на кој му припаѓаат.

Поголеми тестиси – повеќе срцеви проблеми

Според едно истражување од 2013 година, со кое биле опфатени 2.800 мажи, мажите со поголеми тестиси се повеќе склони кон срцеви заболувања. После седумгодишно следење на тие мажи, истражувачите откриле дека тие кои имале поголеми тестиси имале поголеми шанси да развијат срцеви заболувања. Истражувачите сугерираат дека главната причина зошто мажите со поголеми тестиси се повеќе склони кон срцеви заболување е лутеинизирачкиот хормон, којшто кај мажите го стимулира создавањето на тестостеронот. Досегашните истражувања ја покажале врската помеѓу повиското ниво на тестостерон и срцевите заболувања.

Помали тестиси – помалку сон

Едно истражување направено од Универзитетот во Јужна Данска, покажало интересна корелација помеѓу големината на тестисите на мажот и квалитетот на неговиот сон. Истражувачите анкетирале околу 1.000 мажи за нивните навики за спиење, а потоа ја  испитале големината на нивните тестиси и бројот на сперматозоиди. Наодите покажале дека кај лицата кои се изјасниле дека патат од несоница, легнуваат доцна или имаат испрекинат сон, бројот на сперматозоидите бил за 29 проценти понизок. Покрај тоа, нивните тестиси биле за 1,6 проценти подеформирани, како и со помала величина.

Очигледно, помалите тестиси не предизвикуваат несоница, но истражувањето покажува дека лицата со помали тестиси, сепак не спијат колку што би требало. Истражувачите, исто така забележале дека лицата кои имале лош сон, имале склоност кон водење на понездрав живот, исполнет меѓу другото и со алкохол, мрсна храна и пушење цигари, што пак индицира дека луѓето со помали тестиси всушност се, исто така со полошо здравје, на друг начин.

Помали тестиси – подобри татковци

Ова може да изгледа малку преувеличено, но се чини дека мажите со помали тестиси се погрижливи татковците. Во едно истражување спроведено од Универзитетот Емори, биле интервјуирани 70 родители на деца, на возраст од една или две години. И мајките и татковците биле интервјуирани за вклученоста на таткото во одгледувањето на детето, меѓудругото, колку често менувале пелени, го бањале, или го носеле детето на лекар кога било болно. Исто така, го мереле и нивото на тестостеронот кај таткото.

Наодите покажале дека татковците што биле повеќе инволвирани во одгледувањето на детето имале пониско ниво на тестостерон, а со тоа и помали тестиси. „Препоставуваме дека големината на тестисите покажува колку таткото ќе биде ангажиран во одгледувањето на детето“- вели антропологот д-р.Џејмс Рилинг. „Но исто така е можно, кога мажот повеќе ќе се инволвира во одгледувањето на детето, неговите тестиси да се намалат. Надворешните влијанија можат да ја сменат биологијата. Знаеме на пример дека нивото на тестостерон се намалува кога мажот ќе се стане  татко.

Што значи ова за машкото здравје? Грижејќи се повеќе за своите деца, татковците имаат поголеми шанси да воспоствуваат и подобри релации со нив, а тоа секако води до подобро ментално здравје за нив.

Рак на тестисите

Кога се работи за тестисите, секако не смее да се изостават и самопрегледите што секој маж треба да ги прави за евентуално откривање на знаци на рак на тестисите. Ракот може да го зафати едниот или двата тестиси и може да се манифестира како грутка на тестисите, зголемени тестиси, како чувство на тежина во скротумот, болка во долниот дел од стомакот или препоните или собирање на течност во скротумот.

Ракот може да се јави кај мажите во било која возраст, иако најчесто се јавува кај мажи на возраст од 20 до 34 години. Иако се предвидува дека бројот на мажи зафатени со рак на тестисите ќе се зголемува, смртноста е релативно мала, благодрение на достапните и ефикасни третмани.

Мажите би требало да направат сами преглед на тестисите и тоа на следниот начин (според клиниката Кливленд)

1. Прегледот направете го после капење или туширање со топла вода. Топлината ќе ја  олабави кожата на скротумот што ќе овозможи полесно да забележите ако нешто не е во ред,

2. Користете ги двете раце за да ги прегледате двата тестиси истовремено. Показалецот и средниот прст поставете ги под, а палците над тестисите и „завртете ги“ тестисите помеѓу прстите (различната големина на тестисите е нормална појава)

3. Кога ќе ги почувствувате тестисите може да забележите структура слична на врвка, на врвот и на задниот дел од тестисите. Тоа се нарекува епидидимис и служи за складирање и транспорт на спермата. Немојте да ја помешате со грутка.

4. Проверете дали има некаква грутка. Грутката може да биде со големина на зрно грашок или поголема и најчесто е безболна. Ако забележите грутка, контактирајте го вашиот доктор.

5. Иако левиот и десниот тестис се често различни по величина, големината на тестисите треба да остане иста. Ако забележите промена во големината, контактирајте го вашиот доктор.

Поддржете ја нашата работа: