Големиот хадронски судирач откри нова честичка

Во 1964 година, двајца физичари – Мјуреј Гел Ман и Џорџ Цвајг, го предложија постоењето на субатомски честички познати како кваркови. Тие сметале дека клучните својства на честичките познати како бариони (за кои сега е познато дека се составени од 3 кваркови) и мезони (1 кварк и 1 антикварк) би биле најдобро објаснети доколку тие самите се составени од други честички. Цвајг го измислил терминот „асови“, но терминот „кваркови“ на Гел Ман бил прифатен. Овој модел овозможувал и други состојби на кварковите, како што е пентакваркот. Оваа тогаш чисто теоретска честичка е составена од 4 кваркови и 1 антикварк (антикварк е антиматеријата еквивалентна на обичниот кварк).

 

Пентакварк (составен од 5 кваркови) наспроти мезон (1 кварк 1 антикварк) и барион (3 кваркови)


Во средината на 2000-тите години, неколку истражувачки тимови тврделе дека откриле пентакваркови, но нивните откритија биле последователно поткопани со други експерименти. „Постои голема историја на пентакварковите и токму затоа бевме многу внимателни при објавувањето на ова истражување“, вели Патрик Копенбург од ЦЕРН.

Физичарите го проучувале начинот на кој субатомските честички се распаѓаат или трансформираат во три други честички, во Големиот хадронски судирач. Анализите покажале дека понекогаш во процесот на создавање на трите честици се вклучени и други меѓусостојби, кои научниците ги нарекле „Pc(4450)+“ и „Pc(4380)+“. Тие може да се објаснат единствено преку состојбата на пентакварковите.

Наодите се доставени за објава во „Physical Review Letters“.

Поддржете ја нашата работа: