Аристотел – таткото на модерната логика и најпознатиот ученик на Платон и учител на Александар Македонски, починал во 322 година пред нашата ера во Халкида на островот Евбеја. Неговите дела се канонизирани и се предаваат во сите училишта низ светот, а археолозите постојано се во потрага по неговиот гроб.
Сега, еден грчки археолог верува дека конечно го открил изгубениот гроб на Аристотел во античкиот град Стагира кој се наоѓа на околу 480 км. од Халкида.
Според „The New York Times“, грчкиот археолог Костас Сисманидис веќе две децении предводи ископувања во северна Грција и сега вели дека е речиси сигурен дека останките на Аристотел лежат во структура закопана под градот, кој воедно е и местото каде што познатиот грчки филозоф е роден.
Сисманидис го соопшти ова на Светскиот конгрес на научниците кој се одржа од 23 до 28 мај во Солун по повод 2.400-тиот роденден на Аристотел, при што изјави дека се’ уште нема докази, туку силни индикации.
Ова значи дека тој се’ уште не може да го докаже ова, но според него, локацијата, мермерниот под, панорамскиот поглед и времето на изградба на структурата (на почетокот на Хеленистичкиот период кој започнал во 323 година п.н.е. – една година пред смртта на Аристотел) обезбедуваат доволно посредни докази за да се донесе првичен заклучок.
Во секој случај, ова претставува навистина возбудливо време за археолозите и научниците, па се надеваме дека понатамошните истражувања на местото ќе откријат повеќе детали за тоа дали ова е или не е гробот на Аристотел.