Хомеопатите веруваат дека супстанциите што ја предизвикуваат болеста, во мали дози, може да ги излекуваат луѓето кои се болни. Тие тврдат дека кога ќе се разредат супстанциите во вода или алкохол, мешавината ја задржува „меморијата“ од оригиналната супстанција која поттикнува процес на лекување во телото.
Ваквите тврдења беа широко побиени од многубројни студии, но Националниот совет за здравство и медицински истражувања (NHMRC) на Австралија, за прв пат, темелно разгледал 225 истражувачки трудови за хомеопатијата, пред да го објават својот конечен став.
„Врз основа на проценката на доказите за ефикасноста на хомеопатијата, „NHMRC“ заклучува дека не постои здравствена состојба за која постојат цврсти докази дека хомеопатијата е ефикасна“ – се вели во извештајот од Советот.
„Луѓето кои ја избрале хомеопатијата си го ризикуваат здравјето, доколку одбијат или одложат терапија за која е докажано дека е безбедна и ефикасна.“
За да се спречи пристрасноста, студиите биле разгледани и од независна компанија. И покрај тоа што некои студии известуваат дека хомеопатијата е ефикасна, квалитетот на тие студиите бил лош, со многу недостатоци и недоволен број на учесници за да покаже дека хомеопатијата е нешто повеќе од обична „шеќерна вода“, се вели во извештајот.
Одговорните во „NHMRC“ нагласуваат дека после една слична студија објавена во 2010 година во Велика Британија, интересот за хомеопатско лечење драстично опаднал и се надеваат дека слични ефекти ќе има и во Австралија.
На ваквите изјави на „NHMRC“, реагирала Австралиската Хомеопатска Асоцијација, со тврдење дека околу еден милион Австралијци ја користат хомеопатијата. Од „NHMRC“ пак, нагласуваат дека нема веродостојна проценка за тоа колку Австралијци користат хомеопатска терапија.
Кај нас, поголемиот дел од лекарите и фармаколозите од клиниките се’ уште се скептици за хомеопатијата.