На 32-от Симпозиум во Колорадо Спрингс, компаниите „Bigelow Aerospace“ која изработува растегливи живеалишта наменети за вселената и „United Launch Alliance“ (ULA) која врши лансирање на ракети, најавија дека планираат заедно да лансираат хотел во вселената до 2020 година.
Според „Bigelow“, ракетата „Atlas V“ на „ULA“ е единствената ракета која може да го однесе објектот во ниската земјина орбита.
Иако, како жители на вселенскиот хотел логично се очекува да бидат астронаутите на НАСА, компаниите се надеваат дека со ова се отвара можност и за обичните луѓе да почувствуваат малку „вселенска акција“.
Минатата недела „Bigelow“ лансираше свој модул (BEAM) на Меѓународната вселенска станица (МВС) преку мисијата на „SpaceX“со која се врши снабдување на МВС. Модулот ќе биде растегнат речиси двојно од својата оригинална големина со што астронаутите ќе добијат дополнителен простор од 3,6 метри и ќе се тестира како потенцијално живеалиште на Месечината или на Марс.
Она што ќе се случува на модулот на „Bigelow“ ќе обезбеди податоци од голема важност за развојот на претстојниот комерцијален вселенски хотел кој е наречен „Б330“. Исто како и „BEAM“ и „Б330“ во орбитата ќе биде лансиран како компактен модул, кој преку притискање на копче ќе биде проширен на импресивни 330 кубни метри.
Извршниот директор Роберт Бигелоу изјави дека компанијата планира да изгради две станици „Б330“ до 2019 година. Двете станици ќе бидат испратени во вселената до 2020 година.
„„Bigelow“ размислува за растегливи живеалиштата како „Б330“ кои се поврзани меѓусебно што ќе можат да служат како објекти за научни истражувања и живеалишта на други планети и сателити и туристички дестинации“, вели Роберт Бигалоу за „Wired“.