Интелигенцијата е преценета?

Тестовите за интелигенција се користат како показател на способноста за логичкото размислување и техничка интелигенција. Високиот коефициент на интелигенција често е предуслов за достигнување на високо ниво во бизнисот денес. Но, сам по себе, високиот коефициент на интелигенција не е гаранција дека ќе се издвоите над сите останати.

Истражувањата спроведени во Карнеги Институтот за технологија покажуваат дека 85 проценти од вашиот финансиски успех се должи на вештините во „човековиот инженеринг“, вашата личност и способност за комуникација, преговарање и водство. Изненадувачки, само 15 проценти се должат на техничкото познавање. Покрај тоа, израелско-американскиот психолог, Даниел Канеман, добитник на Нобелова награда, открива дека луѓето претпочитаат да соработуваат или градат бизнис со личност која им се допаѓа и и’ веруваат, иако таа личност нуди помалку квалитетен производ или повисока цена на услуга.

Имајќи го ова на ум, треба да инвестирате во зајакнување на вашата емоционална, морална и телесна интелигенција. Овие концепти може да се неразбирливи и тешки да се измерат, но нивното значење е далеку поголемо од она на коефициентот на интелигенција.

Емоционална интелигенција

„EQ“ е најдобро познатата од сите три и во кратки црти се работи за: свесност за своите како и за чувствата на другите, регулирање на овие чувства, користење на емоции соодветни на ситуацијата, само-мотивација и градење на односи.

Совет за подобрување: Како прво, станете свесни за вашиот внатрешен дијалог. Помага доколку водите дневник за тоа какви мисли ви доаѓаат во текот на денот. Стресот може да биде голем убиец на емоционалната интелигенција, па исто така треба да развиете здрави техники за справување кои можат брзо и ефикасно да го намалат стресот во променлива ситуација.

Морална интелигенција

„MQ“ следи директно после „EQ“ бидејќи се занимава со вашиот интегритет, одговорност, сочувство и простување. Начинот на кој се однесувате кон себеси е начинот на кој другите ќе се однесуваат кон вас. Исполнувањето на обврските, одржувањето на вашиот интегритет и искреноста се клучни за моралната интелигенција.

Совет за подобрување: Давајте помалку изговори и преземете одговорност за вашите постапки. Избегнувајте ги малите „бели“ лаги. Покажете сочувство и почит во комуникацијата со другите. Практикувајте прифаќање и толеранција кон пропустите на другите. Простувањето не е само за тоа како се однесуваме со другите, туку и за тоа како се однесуваме и чувствуваме за себеси.

Телесна интелигенција

И како последна е „ BQ“ или телесната интелигенција која е одраз на тоа што го знаете за вашето тело, како се чувствувате и како се грижите за него. Вашето тело постојано ви кажува некои работи – ги слушате ли сигналите или ги игнорирате? Јадете ли храна која ви дава или која ви одзема енергија во текот на денот? Се одмарате ли доволно? Вежбате ли и се грижите ли за вашето тело? Можеби изгледа дека овие прашања не се поврзани со вршењето на бизнис, но вашата телесна интелигенција апсолутно влијае на вашата работа бидејќи во голема мера ги одредува вашите чувства, мисли, самодоверба, состојба на умот и нивото на енергија.

Совет за подобрување: Барем еднаш дневно, слушнете ги пораките кои ви ги испраќа телото за вашето здравје. Добра исхрана, редовно вежбање и доволно одмор се клучните аспекти за високо „ BQ“. Следењето на вашата тежина, умереноста со алкохол и обезбедувањето на доволно слободно време можат драматично да го променат функционирањето на вашиот мозок и начинот на извршување на работата.

Па, што навистина ви треба за да успеете?

Не е важно доколку не сте учеле на некој од врвните универзитети. Едно лице со пониско образование кое ја има целосно развиено својата „EQ“, „MQ“ и „ BQ“ може да биде далеку поуспешно од  друго лице со имресивно образование но на кое му недостасуваат овие категории.

Секако дека е добро да се биде интелигентен, рационален и да се има висок коефициент на интелигенција, тоа е голема предност. Но мора да сфатите дека тоа не е доволно. Вашиот коефициент на интелигенција ќе ви помогне лично, но „EQ“, „MQ“ и „ BQ“ ќе бидат од корист за сите околу вас. Доколку може да се справите со сложеноста на овие уникатни и често потценети форми на интелигенција, истражувањата покажуваат дека ќе постигнете поголем успех и повеќе ќе се сметате за професионално компетентни и способни.

Поддржете ја нашата работа: