Јазиците развиваат комуникациски вештини

Според едно истражување на психолозите од Универзитетот во Чикаго, децата кои се изложени на повеќе од еден јазик, односно живеат во повеќејазична средина се подобри во толкувањето на мислењето на соговорникот, што значи дека повешто комуницираат со останатите, за разлика од децата кои се изложени само на нивниот мајчин јазик.

Новото откритие сугерира дека самите деца не мора да ги зборуваат и двата јазика, туку доволно е само да бидат изложени. Самата изложеност е клучна за градењето на ефективни социјални комуникациски вештини.

Во истражувањето учествувале 72 деца на возраст од четири до шест години, поделени во три групи, по 24 деца во секоја. Во првата група децата слушале и зборувале само англиски; во втората главно слушале и зборувале англиски ,но редовно биле изложени на некој друг јазик; и во третата децата биле билингвални, односно слушале и зборувале два јазика. Потоа, децата играле комуникациска игра при која требало да движат одредени предмети. Спроти нив седел возрасен човек кој не можел да ги види сите предмети, па децата требало да сфатат точно за кој предмет тој зборува, а за да можат да го направат тоа тие претходно седеле на местото на возрасниот.

Децата од втората и третата група покажале скоро исти резултати.

И претходни истражувања го испитувале влијанието на билингвалната средина врз когнитивниот развој. Но, ова истражување ги демонстрира придобивките од самото изложување на повеќе јазици.

„Децата во повеќејазична средина имаат голема општествена практика на набљудување на тоа кој на кого зборува и што зборува, како и поврзаноста што се формира врз основа на јазикот“, објаснува Кетрин Кинзлер, вонреден професор по психологија и експерт за социјален развој. „Овие рани социо-лингвистички искуства би можеле да им помогнат на децата да развијат вештини за ефективна комуникација“.

Ова истражување е дел од поголема истражувачка програма која се обидува да објасни како луѓето учат да комуницираат. Децата се особено добри во учењето на нов јазик, ги совладуваат зборовите и синтаксата на јазикот, но за да можат ефективно да комуницираат потребни им се и други средства. Токму тие средства ние ги проучуваме, истакнуваат научниците.

Поддржете ја нашата работа: