Кафето штити од цироза

Познато е дека пиењето кафе се поврзува со бројни здравствени придобивки, но едно ново истражување, спроведено од Универзитетот Саутемптон од Велика Британија, сугерира дека кафето го намалува и ризикот од развој на болести на црниот дроб поврзани со пиењето алкохол.

Истражувачите направиле анализа на девет различни студии што досега биле спроведени во врска со ефектите од пиењето на кафе и конзумацијата на алкохол. Биле опфатени 430.000 учесници, од кои 1.990 имале дијагностицирана цироза на црниот дроб. Во осум од девет од овие студии, истражувачите откриле дека поголемата конзумација на кафе секој ден помага да се намали ризикот од развој на цироза на црниот дроб.

Една шолја кафе го намалува ризикот од појава на цироза за 22 проценти, две шолји за 43 проценти, три шолји за 57 проценти, додека најголема корист има ако се пијат четири шолји кафе дневно што го намалува ризикот за 65 проценти.

Иако било забележано дека поголема корист има од филтрираното кафе отколку од вареното, не е јасно на кој начин кафето придонесува за поздрав црн дроб и дали некои видови на кафе се покорисни од другите. Сепак, клучни за заштита на црниот дроб се сметаат природните хемиски состојки што се наоѓаат во кафето.

Авторите нагласуваат дека истражувањата се однесуваат само на конзумирањето на алкохол, но не и на другите ризик фактори за развој на цироза како што се дебелината или  дијабетесот. Според Светската здравствена организација, 50 проценти од случаите на цироза се последица од хронично конзумирање на алкохол.

Преку огромниот број на функции што ги извршува, меѓу кои и неутрализација и елиминација на токсините од организмот и обработката на протеините, црниот дроб е неопходен за одржување на животот. Поголемиот дел од своите клетки црниот дроб може да ги регенерира при поединечни оштетувања, но прекумерната конзумација на алкохол може да го уништи црниот дроб.

Важно е да се напомене дека кафето нама моќ да ја поправи веќе постоечката цироза. Истражувањата засега покажеле дека кафето може драстично да го намали само ризикот од развој на идна цироза.

Резултатите од истражувањето се објавени во „Alimentary Pharmacology and Therapeutics“.

Поддржете ја нашата работа: