Како античките цивилизации го објаснувале затемнувањето на Сонцето

Затемнувањето на Сонцето се случува кога Месечината поминува помеѓу Сонцето и Земјата и целосно или делумно ја замрачува светлината. Во некои делови од светот, ова се случува отприлика на секои 18 месеци.

Но, луѓето пред стотици или илјадници години не знаеле дека ваквиот настан може да се случува почесто, па многу верувале дека тоа е знак за крајот на светот. Издвојуваме неколку митови за затемнувањето на Сонцето од античките цивилизации во светот.

Викинзите
Викинзите верувале дека апокалипсата (Ragnarok) доаѓа од два волци, Скол и Хати, кои сакаат да ги изедат Сонцето и Месечината. Скол го сака Сонцето, а Хати Месечината и кога ќе фатат едно од небесните тела, ќе се случи апокалипсата. На Земјата, луѓето мора да ги спасат Сонцето или Месечината со тоа што ќе прават колку што можат повеќе врева за да ги исплашат и избркаат волците

Античките Еѓипќани
Иако обожувањето на Сонцето преовладувало во антички Египет, многу малку е познато за нивното верување за еклипсите, односно затемнувањето на Сонцето. Речиси не се ни споменува. Сепак, поради тоа што Сонцето играло значајна улога во нивното општество, некои експерти сметаат дека тие се плашеле од затемнувањето и сметале дека е преголемо зло, односно предзнак на зло и затоа не го ни споменувале.

Маите
Во 2013 година, научниците пронашле докази дека античките Маи можеле прецизно да ги предвидат соларните еклипси. Астрономски календар од 11-ти или 12-ти век предвидел еклипса која се случила на 11 јули 1991 година. Соларните еклиспи биле познати како “chi’ ibal kin“ или во превод „да се изеде Сонцето“. Не се познати нивните разбирања и верувања за еклипсите бидејќи сите пишани податоци биле уништени во 1600-тите години.

Хинду митологијата
Во античката Хинду митологија, демонот Раху е погубен од страна на Вишну бидејќи го испил нектарот за боговите. Раху планирал да стане бесмртен кога ќе го испие нектарот и да се маскира како жена за да добие место во гозбата на боговите. Кога Вишну дознал за тоа, му ја исекол главата, која лета низ небото и го голта Сонцето, при што се случува затемнувањето.

Античките Грци
Во 2008 година истражувачите велат дека во Хомеровата Одисеја се пронајдени референци за затемнувањето на Сонцето во стиховите: “The sun has perished out of heaven, and an evil mist has overspread the world”. Античките Грци верувале дека затемнувањето е лош предзнак дека боговите се лути и дека го означува почетокот на катастрофа и уништување.

Кинеската митологија
И во античка Кина, еклипсите се сметале за лош предзнак. Луѓето сметале дека тоа се случува кога змеј ќе го изеде Сонцето. За да го спречат, тие пееле, чукале на тапани и пукале со топови за да го исплашат змејот.

Предвидувањето на еклипсите било задача на астрономите. Едни од најраните податоци за еклипсите доаѓаат од 2 134 година п.н.е., кога двајца астрономи не успеале да ја предвидат што значело дека луѓето не можат да се подготват. Како резултат на тоа, им биле отсечени главите.

Денешно време
Во текот на минатиот век имаше 4 затемнувања на Сонцето во Велика Британија и ниедно не резултираше со крај на светот. Сепак, и покрај денешната технологија и наука, некои пророци се’ уште веруваат дека тоа треба да се гледа како предупредувачки знак од семоќната сила.

Поддржете ја нашата работа: