Како да стекнете добра, а да се ослободите од лошата навика?

Од утринското миење на заби, до пиењето кафе во одредено време наутро, сите имаме свои навики што се дел од нашата секојдневна рутина. Некои од овие навики се многу добри, како на пример одењето на вежбање, други пак – како пушењето една кутија цигари дневно, се многу штетни. Бидејќи навиките можат да бидат корисни или штетни, често се стремиме да стекнеме соодветни добри навики.

Постојат и многу апликации дизајнирани да ни помагаат да формираме некоја корисна навика и најчесто се направени врз основа на претпоставката дека за тоа ни е потребни 21 ден. Оваа бројка е извлечена од популарната книга од 1960 година „Психо кибернетика“  од Максвел Малц, пластичен хирург кој забележал дека на неговите пациенти најчесто им треба 21 ден да се навикнат на новото лице.

Сепак, според едно истражување од 2009 година, времето потребно да се стекне одредена навика не може толку прецизно да се одреди. Истражувачите од Универзитетскиот Колеџ Лондон, ги испитувале новите навики кај 96 лица во период од 12 недели и откриле дека просечното време потребно да се стекне нова навика е 66 дена. Индивидуалното време пак, варира од 18 па сѐ до неверојатни 254 дена.

Значи, ако сакате да стекнете нова навика, потребни се барем два месеци.

Но, што е со навиките од кои сакаме да се ослободиме?

Се чини дека и формирањето и одвикнувањето од навиките се прилично тесно поврзани. За да се ослободите од една навика, потребно е да стекнете нова. Полесно е да се стекнете со нова новика отколку да се ослободите од некоја стара навика, ако немате „заменска навика“. Затоа, на пример никотинските гуми за џвакање и спрејовите се поефикасни при откажувањето од цигарите отколку никотинските лепенки.

Експертите се сложуваат дека нема типична временска рамка за одвикнување од некоја навика. Вистинскиот рецепт би бил мешавина од личноста, мотивацијата, околностите, како и од тоа за каква навика се работи. Луѓето кои сакаат да се ослободат од некоја навика од причини кои се во согласност со нивните лични вредности, ќе го направат тоа многу полесно од луѓето кои тоа го прават поради надворешни причини, како што е притисокот од другите луѓе.

Во екстремни случаи, велат експертите, може да се ослободите и наеднаш, на пример, ако многу ви се слоши кога ќе запалите цигара, или ако скоро ве удри автомобил додека одите и пишувате СМС-порака. Но, најчесто е потребно многу подолго време и обично тоа изнесува најмалку два месеци.

За успешно да се ослободите од некоја лоша навика потребно е постојно да ја имате на ум вашата најсилна мотивација што ќе ве тера да издржите до крај. Најдете и „заменска навика“ со која ќе ја замените лошата навика, но бидете сигурни дека тоа е позитивна навика. На пример, замената на цигарите со брза храна е најчестата грешка што се прави. И бидете трпеливи, колку подолго траела лошата навика, ќе ви треба и подолго време да се ослободите од неа.

За среќа, луѓето се скоро секогаш способни да преземат нешто кога ќе станат свесни за својата навика и кога се доволно мотивирани да направат промена.

Поддржете ја нашата работа: