Како книга за деца го инспирирала еден научник

Дали сте слушнале за книгата “Bartholomew and the Oobleck”, која во 1949 ја објавил американскиот писател, карикатурист и издавач Теодор Гајзел, познат под псевдонимот Д-р. Сеус? Доколку не, еве накратко за што станува збор: детето Бартоломеј Кабинс е решен да направи се за да го спаси своето кралство од една леплива зелена супстанца, која ја нарекува облек или oobleck.

Сега, може да се запрашате каква врска има супстанцата облек со авионите. Хемичарот Габриел Вит, играјќи си со своите деца најпосле сфатил што треба да направи за да ги спречи зачестените пожари во авион. Имено, тој правејќи облек од пченка и вода за потребите на играта на своите деца, дошол до идеја како литиум-јонската батерија да ја направи отпорна на оган за време на судар, а со тоа да ги спречи и пожар во авион.

Во последно време, зголемениот број на сообраќајни незгоди и авионски пожари, на научниците и инженерите им испраќаат јасна порака – литиум-јонските батерии, кои користат течни електролити за пренос на јоните на литиумот меѓу анодата и катодата и се користат за голем број преносни уреди и електрични возила, при пребрзо полнење постои опасност од создавање „метални честички“ во електролитот, што предизвикува краток спој и опасност од експлозија или палење.

Применувајќи го рецептот за правење на облек, Вит дошол до идеја наместо пченка да искористи силициум диоксид, и да го измеша со електролит од литиум-јонска батерија, за да направи варијација која од запалива течност прави цврсто тело во моментот на силниот удар. Во хемијата тоа се нарекува shear thickening fluid, или течност за згуснување.

Вит и неговиот тим од американската Национална лабораторија во Оук Риџ во Тенеси, сфатиле дека трикот е во тоа што треба да се пронајде вид на силициум диоксид кој ќе одговара. До него дошле користејќи техника, стара со децении, наречена стеберов процес, со која се произведуваат совршено кружни наночестички од силициум диоксид. Вит објаснува дека таквите честички се способни сами да се организираат во цврсти бариери.

Сепак, како и сите течности за згуснување, и овој облек – патентиран под називот Safe Impact Resistant Electrolyte – се враќа назад во течна состојба за неколку секунди после ударот и сеуште дозволува запалива реакција помеѓу електродите.

Тимот на Вит сега работи на решение кое ќе го оневозможи враќањето во течна состојба и така ќе спречи било какви штетни реакции.

Научникот, инспириран од детска проза вели дека освен кај електричните возила, вака адаптираните литиум-јонски батерии би можеле да се користат и како штитови во униформата на војската, така што при судир на куршумот со телото, униформата ќе се трансформира во оклоп кој спасува живот.

Истражувачите од Националната лабораторија очекуваат дека оваа нова технологија може да се примени во наредните неколку години.

Поддржете ја нашата работа: