Како мачките и кучињата пијат вода?

Не ни е потребна научна опсервација за да забележиме дека мачките, во споредба со кучињата, се поуредни во секоја смисла, вклучувајќи го и пиењето на вода. Мачињата и кучињата поради „нецелосните образи“ можат да ја отворат устата многу широко, а не можат да вшмукуваат, како луѓето на пример кога пијат преку сламка.

Па, како пијат вода и едните и другите? Научниците со помош на камери ја набљудувале таа механика во забавено движење.

Научниците од Универзитетот Принстон и Институтот за технологија во Масачусетс уште во 2010 година проучувале како мачките пијат со помош на забавено видео. Откриле дека мачките нежно допираат со јазикот на површината на водата и потоа брзо го повлекуваат за да создадат вертикално снопче од вода. Притоа јазикот е извиткан во форма на буквата Ј. Непосредно пред водата да падне назад во чинијата, ја затвораат устата и ја проголтуваат. И се разбира, исто како што би очекувале од една мачка, нема шлапкање, истурање или прскање на водата.

Истражувањето за мачките го инспирирало Сани Јанг, асистент на Политехничкиот институт во Вирџинија, да го испита истото и кај кучињата. За разлика од мачките, кучињата силно го потопуваат јазикот во водата и го повлекуваат во форма на лажица за да земат уште малку повеќе течност од секое потопување. Кога го извлекуваат јазикот надвор од водата предизвикуваат значителен износ на забрзување – околу 5 пати поголем од оној на гравитацијата. Така, снопчето вода лебди во воздухот, а кучето се навалува за да го фати. Резултатот од сето ова е гласно шлапкање и прскање наоколу. Научниците исто така откриле дека поголемите кучиња имаат поголем контакт со јазикот во водата, па така прскаат повеќе. Поголемо куче – поголем неред.

Поддржете ја нашата работа: