Бамбусот сочинува 99% од исхраната на пандите. Тие можат да изедат повеќе од 30 кг. дневно. Но, бамбусовите лисја и стебла немаат голема хранлива вредност, а истражувачите дури и сметаат дека микробите во стомакот, како и цревата на пандите, не се добро прилагодени за варење на растението.
Па, како тогаш пандите преживуваат јадејќи само бамбус?
Според истражувањето, објавено во „Science“, тие преживуваат бидејќи трошат многу помалку енергија отколку другите копнени цицачи со слична големина.
Истражувачите од Кина и Шкотска го мереле нивото на енергија што пандите го трошат, кај 5 панди во заробеништво и кај 3 во дивината. Откриле дека пандите во заробеништво користат само 38% од енергијата која обично ја користат другите цицачи, додека оние во дивината само 45%.
Па, како пандите користат толку малку енергија? Покрај одредените физички адаптации (помал мозок, црн дроб и бубрези од останатите мечки, како и побавен метаболизам), тие не се движат многу. Научниците ги следеле нивните активности и откриле дека повеќе од половина од своето време тие мируваат. Нивниот живот можеби зависи од тоа.