Само една едноставна активност како што е размислувањето за тоа кои вредности ни се важни, може да го подобри начинот на кој реагираме на советите поврзани со нашето здравје – покажува едно истражување направено од научниците од Универзитетот во Пенсилванија. Неверојатно!
И покрај сѐ позачестените предупредувања од здравствените работници за негативните последици од седечкиот начин на живот, бројот на луѓе „залепени“ за каучот постојано се зголемува како во развиените, така и во земјите во развој.
Многу често, штом ќе слушнеме совет дека треба да ослабеме некој килограм, или дека треба да сме физички поактивни го подигаме „гардот“ и го занемаруваме советот. Што треба да се направи за да попушти одбраната?
Професор Емили Фалк и нејзините колеги покажаа дека едноставните активности на авто-афирмација можат во голема мера да го подобрат нашиот одговор на здравствените совети.
Авто-афирмацијата не тера да размислуваме за нашите вредности и за она што ни е важно. „Ако ми кажете дека семејството и пријателите ви се многу важни, јас би ве натерала да размислувате за ситуации каде вие можете да правите важни работи со вашето семејство и пријателите“, објаснува Фалк. Друг пример би бил да размислувате за унапредување, ако кариерата ви е од особена важност.
За да видат дали авто-афирмацијата која е проследена со медицински совет предизвикува активност во некои региони во мозокот и дали тоа влијае на ниво на активност, Фалк и нејзините колеги извршиле скенирање на мозоците на неактивни возрасни лица.
За време на авто-афирмацијата, забележана е активност во вентромедијалниот префронтален кортекс – регион во мозокот кој се поврзува со позитивно размислување и „отворен ум“. Овие мозочни активности водат до подобрување на одговорот на советите, кои, често пати, ни е тешко да ги слушнеме.
Позитивното размислување има долготрајни ефекти. Со помош на уред што учесниците го носеле на рака, Фалк и нејзиниот тим биле во можност да забележат дали учесниците ги следат советите и се физички поактивни. Оние кои позитивно размислувале биле значително физички поактивни од останатите.
Оваа интервенција не само што може да ни го подобри здравјето, туку има и поширока примена. Авто-фирмацијата и претходно се покажала ефикасна за студентите од малцински и запоставени групи да го подобрат успехот во училиште. Фалк е уверена дека овој пристап има голем потенцијал.
„Ова е едноставен пристап кој може секој да го применува, а може да има огромно влијание“, вели Фалк.