Како земјоделството ја сменило нашата висина, дигестија и боја на кожата

Истражувачите за прв пат анализирале ДНК земена од древните луѓе кои живееле пред, за време на и после земјоделската револуција, што им овозможило да направат мапирање на тоа како се менувал човечкиот геном под влијание на општествените промени.

Со помош на нова техника за екстракција, истражувачите од Медицинската школа на Харвард, успеале да земат примероци од ДНК од остатоците на антички луѓе и да создадат генетска база од 230 древни луѓе кои живееле низ Европа пред 2.300 до 8.500 години.

Со анализа на овие геноми, истражувачите успеале да идентификуваат 12 специфични региони во геномот кои се промениле во тој период и исто така извршиле влијание за заедниците од ловци-собирачи да преминат во замјоделци.

Она ште не е изненадување е дека многу од овие промени се случиле на и во близина на гените кои се поврзани со висината, со способноста за дигестирање лактоза, со метаболизмот на масните киселини, со светлиот пигмент на кожата и со сината боја на очите – карактеристики што и претходно беа поврзувани со нашата транзиција кон општества базирани на земјоделство.

Но, ова истражување дава досега најголем увид за тоа како и кога древните луѓе се адаптирале на земјоделството. Едно од големите откритија е дека генот што им овозможил на возрасните да го дигестираат млекото не бил застапен до пред околу 4.000 години – илјадници години подоцна отколку што претходно се мислеше.

Истражувањето исто така покажало дека првите земјоделци имале темна кожа, но дека генот за светла кожа станал почесто пренесуван во текот на милениумите. Причина за ова веројатно е затоа што земјоделците јаделе помалку месо од ловците-собирачи, со што бил намален внесот на витамин Д. Луѓето со темна кожа би добивале помалку витамин Д преку изложување на сонце, што би довело до негов недостаток.

Друга голема промена е зголемениот имунолошки систем, што има голема логика, бидејќи без тоа болестите би биле многу чести во почетниот период на замјоделството.

Истражувањето исто така ја поддржува хипотезата дека фармерите од Анадолија – денешна Турција, први го донеле земјоделството во Европа, а со нив го донеле и генот за низок раст во јужниот дел од Европа. Од друга страна, северните европејци се високи, затоа што повеќе водат потекло од Евро-азиските степски популации.

Но и покрај тоа што 230 претставува импресивен примерок кога се работи за одамна умрени лица, според научните стандарди примерокот не е масивен, па затоа истражувачите не биле во можност да откријат онолку колку што би сакале. На пример, немале доволно докази за да дојдат до заклучок дали гените што придонесуваат за дијабет тип 2 или за индексот за висока телесна маса се издвоиле за време на овој преод  кон земјоделството.

Истражувачите сега имаат намера да извршат проучување на уште подревна ДНК, за да добијат прецизна претстава за тоа зошто сме сега вакви и како нашите предци мигрирале и се вкрстувале на целата планета.

Истражувањето е објавено во списанието  „Nature“ .

Поддржете ја нашата работа:
Ви благодариме за секоја ваша поддршка и донација