Некогаш без неа не можело да се замисли ниту едно породување во домашни услови. Нејзиното моќно антисептичко, противвоспалително и ненадразнувачко дејство овозможило штотуку родените бебиња и родницата на мајките да биде испирана со млак чај токму од оваа билка.

Од таму нејзиното латинско име е – Матрикарија, што значи мајка, односно родилка. Дури и денес ретко се наоѓа домаќинство кое не чува кутија со исушени цветови на оваа нежна и убава билка. Иако на нашите простори расте во изобилство, ретко кој знае колку е здрава и каква сѐ примена може да најде во нашето секојдневие.

Камилицата е самоникна билка, распространета е низ целиот свет.

Станува збор за едногодишна, мала тревна билка чија височина може да достигне од 10 до 30 cm, а поретко и до половина метар. Препознатлива е по своите ситни бело-жолти цветови и специфичен нежен и пријатен мирис. Расте по полињата, покрај патиштата, но може да се најде и речиси на секоја ливада. Може да биде исправена или малку подвиткана. Листовите се светло-зелени. Тие се двојно или тројно пердувесто расцепкани.

Што се однесува до периодот на берба, корисно е да се знае дека најквалитетни се оние цветови кај кои венечните ливчиња се наоѓаат во хоризонтална положба. Тогаш, зрелоста на билката е оптимална и во неа има највисока концентрација на лековити супстанции.

За подготовка на чај се собираат цветовите. Треба да се сушат брзо, на проветрени места заштитени од директна сончева светлина. Потоа се собираат и се чуваат во добро затворени садови. Сепак, кога се зборува за камилицата, експертите посебно важно место му доделуваат на етеричното масло добиено од цветовите.

kamilica„Основна компонента поради која што се цени камилицата е присуството на етерично масло, коешто е многу мирисно, ароматично. Многу е важно да се нагласи дека тоа масло треба да се добива со дестилација која што е долготрајна и којашто тече под многу благи услови, под кои ќе треба да се овозможи да дојде до разградба на определени соединенија коишто се присутни во самиот цвет, во самата суровина, а кои со разложување, во текот на дестилацијата ќе овозможат да се создадат определени соединенија“, вели Проф. Д-р. Светлана Кулеванова, фармацевтски факултет, Скопје.

А, најважното соединение добиено на ваков начин е супстанцата хамазулен. Има карактеристична темно-сина боја според која може да се утврди и квалитетот на добиениот дестилат.

Според познавачите, поголемиот интензитет на бојата означува дека во маслото има поголема количина хамазулен, кој е одговорен за антивоспалителното својство на етеричното масло.

4067609934be134b20bfc925770124a266-w=599-h=367Лабораториските тестови покажуваат дека тоа соединение го блокира ензимот циклооксигеназа, кој е одговорен за синтеза на простагландините, материи кои меѓудругото, ги контролираат и воспалителните процеси. Маслениот екстракт се употребува и во козметиката, како најважна состојка за подготовка на висококвалитетни препарати за нега на кожата.

„Цветот од камилицата се карактеризира токму со тие генуини состојки коишто се потребни за да се создаде хамазуленот, а тоа се определени сесквитерпенски лактони, како што е матрицинот, матрикаринот, дезацетил-матрицинот и разни други сесквитерпенски лактони.

Покрај овој тип состојки присутни се флавоноиди, особено во белите, јазичести цветови од соцветието на камилицата се присутни апигенински состојки, чистиот апигенин и неговите хетерозиди, додека во жолтите цветови можеме да очекуваме лутеолин, кверцетин и други соединенија како и нивни хетерозиди. Присутни се определени фенолни киселини и разни други соединенија можеби од нешто помало значење“, објаснува проф. Кулеванова.

Карактеристичен за оваа билка е и флавоноидот патулитрин, чие антибактериско дејство е неколку пати помоќно од антибиотиците од групата тетрациклини.

Покрај наведените компоненти, во камилицата има и бисаболол, многу гликозиди, церотин, стеарин, палмитин и линолна киселина, фитостерол, салицилна киселина, метил-етер, диоксикумарин и соли на јаболчна киселина. Од минералните компоненти застапени се сулфурот и калциумот.

Чајот од оваа лековита билка го подобрува варењето на храната, ги ублажува болките, а го смирува и воспалениот желудник. Со векови важи за билка што ги ублажува симптомите при  конјунктивитис и воспаление на кожата.

Млакиот чај од камилица е одлично средство за третман на акните, а има и нагласено смирувачко дејство. Кај проблемите со опаѓање на косата, чајот од камилицата, во комбинација со други билки, повторно е волшебно решение.

„Особено е значајно што камилицата е лек кој може да се користи во популациите од бебе, па до најстара возраст, посебно кога се зборува за малите деца, за доенчињата, посебно децата кои што преминуваат од доењето на веќе конкретна, друга исхрана бидејќи нивните дигестивни системи треба да бидат подготвени за нов тип на храна освен мајчиното млеко, обично проблемите кои се јавуваат заради присуство и на гасовите, покрај другите средства коишто можат да се користат од природни извори, камилицата е секако еден од најзначајните карминативи токму за оваа популација на луѓе“, вели проф. Кулеванова.

А, сиве овие својства се буквално на дофат на нашата рака. Една мала прошетка во некој од планинските рекреативни центри ќе биде доволно природната домашна аптека да се надополни со оваа лековита билка.

Поддржете ја нашата работа: