На автопатот Е16 во Шведска, источно од Стокхолм, во должина од околу 2 километри се поставени електрични жици во воздухот, слични на оние кои се користат кај тролејбусите (автобуси на електрична енергија).
На овие електрични жици ќе се движат два дизел хибридни камиони кои ќе превезуваат товар, како дел од тестирањето за транспорт на товар со ниска емисија на јаглерод диоксид. Ако се покаже успешно, овој систем би можел да претставува лесен начин за веќе постоечките патишта да се претворат во поеколошки електрични патеки.
Според „Siemens“, една од компаниите кои работат на системот, транспортот е одговорен за повеќе од една третина од емисиите на јаглерод на Шведска, од кои речиси половина потекнува од транспортот на товар.
Како дел од својата стратегија за заштита на климата, Шведска се обврза до 2030 година да има транспортен сектор независен од фосилните горива. Ова тестирање на овој т.н. систем за е-автопат е соодведен начин за да се увиди дали тој е погоден за идна долгорочна комерцијална употреба и понатамошен развој.
Камионите ќе можат да возат брзо до речиси 90 км/час додека се поврзани на системот, и поради тоа што се хибридни исто така ќе можат да пренесуваат товар и до места кои се не се поврзани на системот, односно на електричните жици. Тоа е од особено значење бидејќи пробниот систем е многу мал – само 2 километри на еден автопат.
Компанијата „Siemens“ која работи заедно со „Volvo“ планира да спроведе и дополнителни тестови во иднина.