Кога природата ќе го зезне Дарвин

Една необична пеперутка која е половина машки, половина женски пол неодамна е забележана на изложбата на пеперутки на Универзитетот Дрексел во Филаделфија.

Крис Џонсон, волонтер на изложбата, забележал дека двете десни крила на инсектот се типични за женките на својот род, тие биле поголеми, кафеави со жолти и бели дамки. Но, нејзините две леви крила биле помали и потемни, со распрскани зелени, сини и виолетови дамки, модел карактеристичен за мажјаците.

„Мислев дека некој се шегува со мене. Пеперутката е премногу совршена. Потоа се наежив“, вели Џонсон во соопштението.

Подоцна, експерт за пеперутки потврдил дека овој инсект е редок и значаен примерок на „војводската“ пеперутка (Lexias pardalis) со ретка состојба наречена гинедроморфија, што значи надворешно има и машки и женски карактеристики. (Ова се разликува од хермафродизам, каде што еден организам има и машки и женски полови органи, но има надворешни карактеристики на едниот род.)

Состојбата најчесто се забележува  кај птиците и пеперутките, чии два пола може да имаат многу различни бои. Тоа може да се случи кога половите хромозоми не успеваат да се одвојат за време на клеточната делба во раниот развој. Како резултат на овој неуспех, некои од клетките на животното имаат женски генотип, а другите имаат машки генотип, со што кај животното се забележуваат и женски и машки карактеристики.

Бидејќи гинедроморфијата лесно може да се занемари кај видовите кај кои двата пола се слични едни на други, научниците не знаат колку всушност е ретка оваа состојба.

Разликите меѓу мажјаците и женките на сите видови се резултат на процес кој се нарекува сексуална селекција, во која еден род (обично женките) избираат пријатели од другиот пол врз основа на присуството на одредени особини, кои потоа се пренесуваат од генерација на генерација во текот на илјадници години .

Пеперутката  е член на семејството „Nymphalidae“, попознати како пеперутки со „четка -нозе”. Живее во тропските дождовни шуми на Југоисточна Азија.

Поддржете ја нашата работа: