Научниците од Универзитетот во Канбера, Австралија, долго време го проучувале овој гуштер познат како „брадест змеј“ и утврдиле дека определувањето на родот може брзо да се промени и да се определи според температурата, а не хромозомите. Научниците и претходно, при лабораториски експерименти, покажале дека при екстремни температури, генетски машките гуштери станувале женски.
Сега, тие покажале дека овие гуштери кои го смениле полот се плодни и дека тоа е феномен кој се случува природно.
Д-р Клер Хололи, главниот автор на истражувањето, заедно со своите колеги, ги користела податоците за 131 возрасен гуштер и спровела низа експерименти, како и молекуларна анализа која покажала дека некои гуштери кои имале машки хромозоми се всушност женски. Притоа, ги спариле таквите женки со нормални машки и добиле нова генерација кај која температурата го одредува родот а не хромозомите. Исто така, откриле дека таквите женки неселе повеќе јајца отколку нормалните. „На некој начин, излегува дека татковците гуштери се подобри мајки“, вели Хололи.
Научниците ја нагласуваат важноста на ова откритие во однос на еволуцијата. Механизмите кои го одредуваат полот имаат големо влијание на еволуцијата и опстанокот на сите сексуално репродуктивни видови. „Колку повеќе учиме за нив, толку подобро ќе можеме да ја предвидиме еволуцијата во однос на климатските промени и влијанието што може да го има на биолошката разновидност на глобално ниво“, истакнуваат тие.
Истражувањето е објавено во „Nature“.