Како стојат работите сега?
Па, малку сме зафатени, но ентузијазмот е огромен. Се разбира дека се надевавме дека Фили ќе се разбуди, па сега кога тоа навистина се случи се чувствуваме одлично. Навистина сме среќни. Првите податоци покажуваат дека неговата состојба не е толку лоша.
Каде бевте минатата сабота кога слушнавте дека Фили воспоставил контакт?
Како оперативен менаџер, јас сум првата којашто добива известување за контакт од лендерот. Бев во Италија на посета кај моите родители, кога добив телефонски повик во 11 часот навечер од контролата во Дармштад.
Како реагиравте?
Кога го видов бројот на мојот телефон, знаев дека нешто се случило, па навистина се возбудив. Моите родители не разбраа што се случува, но потоа кога ме видоа растрчана наоколу, обидувајќи се да им телефонирам на моите колеги, сфатија дека Фили се јави.
Разбравме дека Штефан Уламек, главниот менаџер на лендерот, бил во некој паб кога сте му се јавиле…
Да, тоа е точно. Дури по еден час забележал дека сум му ѕвонела и веднаш сфатил дека се случува нешто важно – обично не го барам среде ноќ.
Фили се одби од површината на кометата и на крајот се изгуби. Дали сметавте дека ќе се врати во живот?
Не знаевме. Во меѓувреме, нешто би можело да се расипе, гасови од кометата би можеле да го истуркаат подалеку, или пак да разнесат прашина на неговите соларни панели што би ги направило бескорисни, а сето тоа би значело дека нема можност да се вклучи повторно.
Па, што слушнавте од Фили?
Првиот контакт беше во саботата и беше многу краток – 85 секунди. Во неделата воспоставивмеуште еден контакт кој беше подолг – можеби 4 минути, но беше многу нестабилен. Во моментов, главна грижа ни е да ја стабилизираме, а потоа да ја оптимизираме комуникацијата со Фили. Нема да биде лесно.
А потоа што?
Потоа сакаме да ја истражиме состојбата на лендерот – колку енергија има на располагање и колку долго работи на ден. Кога ќе го дознаеме тоа, ќе можеме да планираме што ќе правиме со таа енергија.
Во последниов месец подготвивме некои првични основи операции на инструменти за кои не е потребно никакво механичко движење на лендерот. Сакаме да видиме како Фили е зацврстен на кометата пред да се обидеме со нешто што би ја загрозило неговата стабилност. Може да се обидеме со температурни сензори или да се обидеме да сликаме нешто. За камерите е потребна многу енергија, па мора да бидеме сигурни дека имаме доволно, пред да се обидеме со такво нешто.
Кои слики ги има направено Фили досега?
Последната слика која ја добивме од Фили беше во ноември и покажуваше дека околу него има големи карпи. Се обидовме да го лоцираме со камерите на Розета. Минатата недела објавивме слика на која беше забележан, но резолуцијата не беше доволно добра, па Фили изгледаше како мала светла точка. Но, тоа е доволно добро за да видиме како е зацврстен.
Колку е оддалечена Розета од Фили?
Во моментот на контакт, 200 километри, но сега се движи за да му се доближи до 180 километри. Ќе ја достигне оваа оддалеченост во петок.
Кое е вашето посакувано сценарио за Фили?
Се’ што Фили би направил е голем успех, но нашиот сон е да ја искористи дупчалката. Тоа е она што може да го направи Фили, а не Розета – да земе примерок за еден од неговите спектометри да го анализира, а можеби и да направи слика.
Лендерот исто така има и повеќе од 20 печки на тркало кои го греат примерокот за да ослободи замрзнати гасови за анализа. Секој пат кога би ја искористил дупчалката, би можел да стави примерок во некој од печките. За сето тоа е потребно многу енергија, па затоа треба да почекаме и да видиме колку имаме на располагање. Искористувањето на макар само една печка би било доволно за мене.
Кометата најмногу ќе се доближи до Сонцето на 13 август и потоа ќе започне да се оддалечува губејќи светлина, па се чини дека работите против времето…
Не само времето. Како што кометата се приближува до Сонцето, затоплувањето ја прави поактивна, па така испушта повеќе гасови или пак има повеќе прашина. Што ќе се случи со нашите две летала е непознато. Главниот проблем е тоа што како што кометата станува поактивна, Розета мора повеќе да се оддалечува.
Зошто мора Розета да се одалечува од кометата, како што таа се приближува до Сонцето?
Сондата се движи и позиционира околу кометата преку следење на ѕвездите. Прашината го збунува нејзиниот систем за навигација, па затоа секој пат кога ќе се случи нешто слично, таа мора да се оддалечи. Главната грижа е дека би можела премногу да се оддалечи и да изгуби контакт со Фили. Секој ден се обидуваме да ја доближиме до кометата, но ситуацијата секојдневно се менува.
Што ќе се случи кога кометата ќе го одмине Сонцето?
Очекуваме Розета да ја заврши мисијата во септември или октомври 2016 година. Потоа, оддалеченоста помеѓу Розета и Сонцето ќе биде толку голема што ќе замине во хибернација. Одлучивме да ја прекинеме мисијата пред да се случи тоа, бидејќи нема да има доволно гориво за да се врати по таква хибернација.
Како Розета ќе ја заврши својата мисија?
На крајот на мисијата, имаме намера да ја „паркираме“ Розета на кометата 67П. Планот е полека да се спушта спирално, работејќи се до последниот момент. Почнавме да правиме пресметки за тоа како да го изведеме тој последен маневар. Би требало да биде интересен крај.