Колку кафе е штетно за здравјето?

Шолја кафе наутро секако ќе ви ја подигне енергијата и работната продуктивност, но што ако се напиете повеќе шолји кафе во денот? Колку шолји кафе дневно може да ви користат, а кога почнуваат да штетат?

До одредено ниво кафето има корисни својства. Различни студии покажуваат дека меѓудругото го намалува ризикот од деменција кај постарите жени, го штити мозокот од други когнитивни нарушувања, помага во намалувањето на телесната тежина и ја олеснува главоболката. Секако, важно е да не се претера.

Клиниката Мајо советува дека возрасните не би требало да пијат повеќе од четири шолји кафе на ден, што е еднакво на 10 лименки газиран сок или два енергетски пијалока. Четири шолји кафе содржат 400 милиграми кофеин, а секое количество над ова дневно „може да предизвика бројни несакани ефети“. Тука спаѓаат вознемиреност, раздразливост, иритација на стомакот, забрзана работа на срцето, нервоза, несоница и тремор на мускулите. Според Националниот институт за здравје на САД, кофеинот е и меѓу водечките причини за треперење на очните капаци.

Реакциите може да бидат различни, што зависи од нивото на лична толеранција. Според Клиниката Мајо „како ќе реагирате на кофеинот делумно зависи и од тоа колку кофеин обично пиете. Луѓето кои не пијат кофеин редовно имаат тенденција да бидат поосетливи на неговите негативни ефекти.

Во другите фактори кои влијаат како ќе реагирате спаѓаат и возраста, телесната маса, лекарствата кои ги земате, како и одредени здравствени состојби, како што се анкзиозните нарушувања“. Истражувањата исто така сугерираат дека жените подобро го поднесуваат кофеинот од мажите.

Дел од проблемот кога сакате да го намалите внесот на кофеинот е и додатниот кофеин што го внесувате без да сте свесни за тоа. Кофеин содржат и одредени аналгетици, чоколадата и многу од чаевите. Кофеинот е една од најзастепените состојки што секојдневно ја внесуваат 80 проценти од возрасните лица.

Сепак, најбезбеден начин е да внимавате на реакциите на вашето тело. Ако се појават знаци дека внесувате премногу кофеин, најдобро е да го намалите и да видите дали состојбата се подобрува. Но, бидете внимателни, ако сте се навикнале на овој стимуланс. Клиниката Мајо предупредува дека наглата редукција на внесот на кофеин може да предизвика симптоми на апстинентна криза, како главоболки, замор и раздразливост, затоа е најдобро тоа да се прави постепено.

Поддржете ја нашата работа: