Пред да одите на одмор, проверете дали вашата крема за сонце е се’ уште ефикасна, советуваат експертите.
Иако кремата за сонце трае подолго од млекото или храната, таа сепак има рок на траење.
Рокот на траење зависи од начинот на кој кремата се чува, вели Јоргос Иманидис, професор по фармацевтска технологија на Универзитетот за применети науки во северозападна Швајцарија.
Доколку кремата се чува на ладно и суво место, како на пример во шкафот, може да трае со години, можеби дури и од 5 до 10 години, вели тој. Повеќето производители на креми за сончање велат дека тие се ефикасни во рок од 3 години, доколку се чуваат во оптимални услови.
Но, повеќето луѓе често ја носат кремата на плажа и ја оставаат во торбите или во жешките автомобили. Кога кремата ќе се вжешти, нејзините компоненти побрзо се распаѓаат, што предизвикува помалку да трае – од 6 месеци до 1 година.
Кремите за сончање содржат неоргански соединенија, како цинк оксид или титаниум диоксид, кои ги спречуваат изгорениците од сонцето на тој начин што го апсорбираат или рефлектираат ултравиолетовото зрачење кое инаку би навлегло во кожата. Покрај тоа, содржат и состојки кои им го даваат мирисот и ги прават лесни за нанесување, кои вклучуваат природни масла, алое вера, како и некои адитиви како што се емулгаторите (супстанците кои помагаат водата и маслата да се помешаат во една супстанца).
Овие емулгатори обично најпрво се разложуваат, при што водата и маслата се разделуваат и кремата може да стане премногу течна или зрнеста, или едноставно да не се задржува на кожата како претходно. За да се избегне овој проблем, треба само да се протресе кремата пред да се нанесе, се разбира доколку не е премногу стара, велат експертите.
Колку што е кремата постара (или изложена на премногу топлина и влага), толку побрзо се распаѓаат и другите состојки, при што се губат нејзините својства за заштита од сонцето.
За жал, многу малку луѓе ја користат кремата онака како што производителите советуваат (2 милиграми на квадратен сантиметар) и токму поради тоа што нанесуваат премалку или пак користат крема со истечен рок, експертите советуваат почесто да ја нанесуваат, на секои 2 до 3 часа. Тие исто така нагласуваат дека спрејовите се помалку ефикасни од погустите производи (како кремите), па пожелно е да се нанесуваат на секој час.
Извор: „Live Science“.