Колку учениците ги почитуваат наставниците и возрасните?

СПОДЕЛИ

На сите треба да ни е јасно дека децата не се раѓаат со вградено чувство за почит кон другите. Сите деца претставуваат посебни индивидуи што подразбира дека сите деца треба да научат да ги почитуваат другите и да се борат да заслужат да бидат почитувани од другите.

Ова е работа на родителите, но исто така е и работа на наставниците, тие имаат обврска да ги научат децата да ги почитуваат другите и да се борат преку своите дела и однесувања да стекнат почит од другите.

Што се однесува до наставниците, тие треба да запомнат дека детето, во случајов ученикот, не е негов пријател, тој првенствено е негов ученик. Работата на наставникот е да го подучува ученикот, односно тој да стекне знаење кое ќе го користи функционално во општественото живеење.

За да функционира успешно ученикот,  како индивидуа во општеството, тој прво треба да научи да се почитува себеси, а потоа да ги почитува и другите, но и да се труди преку неговото однесување да ја заслужи почитта од другите.

Денес сите се прашуваме зошто денешниве деца, за разлика од порано кога ние бевме деца, помалку ги почитуваат возрасните и често влегуваат со нив во конфликт користејќи непристоен речник на комуникација или пак ги игнорираат и непристојно и неприфатливо се однесуваат занемарувајќи ги манирите на добро однесување и покажување нужна почит кон возрасните.

Оваа појава не е изолирана и не се бележи само кај нас, оваа појава е прерасната во светски проблем и се евидентира насекаде. Оваа појава се должи на тоа што денес светот е поинаков, не е истиот во кој ние пораснавме.

Се чини дека денес децата се бомбардирани на секој чекор со несоодветни, неприфатливи и деструктивни информации и начини на однесување преку: YouTube, различни интернет портали, видео игри, филмови, музика, преку кои се презентираат содржини со непочитување и груб начин на однесување.

Ова нас како наставници и родители треба да не мобилизира да работиме напорно и посветено, треба да ги научиме децата да почитуваат за да бидат почитувани. Дополнителен проблем е и тоа што се чини дека денешните родители се многу потолерантни кон нивните деца за разлика од кога и да е порано, а тоа на наставниците дополнително им ја усложнува и отежнува работата со учениците.

Друг дополнителен проблем е и тоа што денешните родители премногу заштитнички се однесуваат кон нивните деца, дури и тогаш кога потсвесно знаат дека нивното дете не е во право и направило грешка. Тие во вакви случаи често го игнорираат она што им се укажува од страна на наставникот или одговорните од училиштето, а исто така многу често родителите знаат во заштита на детето да користат и разни изговори кои не се базираат на конкретни факти и докази. Ова појава порано, кога ние сме биле деца, не била евидентна.

Тогаш нашите родители биле пореални и знаеле да се соочат и да го признаат фактот дека нивното дете несоодветно се однесувало, и во однос на тоа биле подготвени заеднички со наставникот и другите релевантни училишни фактори да работат на случајот и да преземат корективни мерки во насока на подоброување на однесувањето на ученикот.

Оваа појава манифестирана од страна на денешните родители, на заштитничко однесување кон детето и тогаш кога тоа не е во право, се базира на тоа што тие на овој начин се трудат да го компезираат недоволно посветеното време спрема нив „купувајќи“ ја нивната љубов на еден непринципиелен начин, давајќи им несвесно еден лош пример кој децата го прифаќаат и практикуваат во иднина во нивен контекст на случувања и живеење во реалниот свет од нивниот понатамошен живот.

Ваквата состојба секако дека може да се смени доколку напорно се работи и од страна на родителите и од страна на наставниците.

пишува: м-р Јанко Билбилоски, советник во Биро за развој на образование

Дискусија

Коментари

СПОДЕЛИ